јануари 24, 2021

Фатмир Битиќи: Собрав 20-тина водечки економски експерти на едно место

Фатмир Битиќи

Фатмир Битиќи објави дека вчера заедно со 20-тина водечки економски експерти во земјава од повеќе различни области бил одржан првиот иницијален состанок од платформата „За татковината со љубов“, чиј иницијатор за формирање е вицепремиерот за економски прашања.

Благодарен е затоа што, како што вели, сите ја прифатиле поканата за да работата заедно за доброто на нашата татковина, но сепак без да ги открие имињата на експертите.

„Со голема радост денеска ви ја претставувам платформата „За татковината со љубов“, на која заедно со мојот тим работиме од првиот ден.

Ја крстивме „За татковината со љубов“ затоа што е токму тоа, обединување и работење за заедничка мисија а тоа е – економска благосостојба на татковината и граѓаните кои живеат во неа.

Идејата зад неа е на едно место да се соберат водечките економски експерти во земјава од повеќе различни области: макроекономија, јавни финансии, даноци, инвестиции, царина, претприемништво, човечки капитал, стратешко планирање… И да претставуваат советодавно тело за економски стратешки размислувања.

Оваа платформа ќе биде ризница на знаење и искуство од домашни експерти и истата нема да прави поделба по политичка, родова, етничка или било каква припадност, напротив ќе спојува, создава и движи напред во насока кон одржлив и стабилен економски развој“, напиша Битиќи.

Платформата е замислена како тело кое ќе ги обединува водечките економски експерти во земјава од повеќе различни области: макроекономија, јавни финансии, даноци, инвестиции, царина, претприемништво, човечки капитал, стратешко планирање и др. и ќе претставува своевиден тинк-тенк на државата за сите прашања поврзани со стратешкиот развој на домашната економија.

Во ова неформално тело, покрај вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, поканети се да даваат свои мислења и да дискутираат поранешни министри, универзитетски професори, економски експерти од граѓански организации и стопанственици.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •