јануари 25, 2021

Османи: Ако до утре има напредок за Гоце Делчев, ќе се врати довербата во договорот

Бујар Османи, министерот за надворешни работи, смета дека ќе биде вратена довербата во Договорот за добрососедство со Бугарија доколку денеска и утре на онлајн средбата македонската и бугарската историска комисија ги доближат ставовите за Гоце Делчев.

Средбата на македонските со бугарските експерти се одржуваат преку интернет врска во самите простории на Министерството за надворешни работи, бидејќи како што рече Османи, само таму имало услови за состанокот.

– Мислам дека тоа ќе ја врати довербата дека решението е во договорот, а кога ќе се врати довербата во договорот, се друго ќе биде полесно, рече Османи на денешната прес-конференција.

Шефот на македонската дипломатија додаде дека целта со „патоказот“ во Договорот за добрососедство е да се создаде предвидливост преку акциски план.

– Ако таму во договорот пишува дека треба да се подобри инфраструктурното поврзување, треба да има еден патоказ што значи тоа.  Тоа ќе бидат детали со цел да се олесни комуникацијата и да се врати довербата, изјави Османи.

За специјалниот претставник Владо Бучковски рече дека нема да има постојан престој во Софија, туку дека постојано ќе се враќа во Скопје, како и тоа дека за ставовите ќе добие инструкции од Владата и МНР.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •