јануари 26, 2021

Игор Радев: Бугарија тежнее да нè задуши во „прегратка“, но колку повеќе таа стега, толку ние пожестоко се оттргнуваме

Ако Скандинавците тргнат по наш ум, во нивната историја ќе се најдат толку многу поводи за една јазично-идентитетска „касапаана“, во споредба со којашто нашиов македонско-бугарски спор ќе изгледа како здодевно-културен виенски валцер. А ние на олтарот на Унијата веќе жртвувавме нешто скапоцено – името, ама на божеството тоа не му е доста, и уште бара жртви, па откако ќе му ги принесеме и тие, веројатно повторно ќе побара нови… До кога?, прашува лингвистот и синолог Игор Радев.

Докторот по кинеска филологија Игор Радев во интервјуто за МКД.мк за актуелните јазични прашања со Бугарија вели дека правото на слободно носење одлуки за вакви прашања е дел од дефиницијата на државен суверенитет, и тука нема што некој од страна да се меша.

Каде е проблемот на Бугарија во однос на македонскиот јазик?

– Мислам дека еден од основните извори на проблемот е во пренагласеното чувство на истоветност, коешто во Бугарија акутно се негува во однос на Македонија. Значи, сè што е сврзано со Македонија од историски, културен и јазичен аспект мора да биде квалификувано исклучиво со придавката „бугарско“. Следствено, во таква една атмосфера станува немисливо дека во Македонија може во официјално својство да се употребува јазик што не е означен како „бугарски“, туку како „македонски“.

Општествената свест во Бугарија, можам да речам дека во тоа е и доста искрена, на психолошко рамниште на Македонија и на сè македонско гледа безмалку како на ампутиран дел од сопственото тело. Многу тешко е да се прифати дека Македонија сега опстојува веќе како посебна нација, точно, многу блиска, но со свои атрибути, вклучително и јазикот. Токму ова доведува до трагичен заплет во приказната. Имено, на моменти се добива впечаток дека Бугарија тежнее такаречи да нè задуши во „прегратка“, да нè „влее“ во себеси, но со таа постапка го постигнува токму спротивниот ефект, па колку што таа повеќе стега, толку оној што е „прегрнуван“ пожестоко се оттргнува, дејство што „прегрнувачот“ го смета за изневерување, за кое сака да се одмазди. Знам, звучи доста заплеткано.

Зошто велите дека немате трпение за изјавите „македонскиот и бугарскиот јазик (и народ) немаат ништо заедничко“?

– Најкусиот одговор би бил – затоа што одбивам да ја трпам глупоста.

Прво, во светот не постојат јазик и народ што би биле сосема различни еден од друг. Објективно македонскиот литературен јазик и бугарскиот литературен јазик се воопшто најблиски, на ист начин како што впрочем и германскиот и холандскиот се најблиски, или шведскиот и данскиот, бенгалскиот и асамскиот итн… Дури, на втора мисла, можеби и не соодветствува придавката „близок“ или „поблизок“ да се употребува како опис за односите меѓу јазиците, зашто таа алудира на меѓусебна просторна дистанца, небаре секој јазик е опкружен со вакуум, којшто во правец на еден јазик се протега на поголемо растојание, а во однос на друг на помало.

Всушност, најдобро е да го користиме зборот „преклопување“. Така македонскиот јазик има најмногу преклопување со бугарскиот, а потоа со српскохрватскиот, словенечкиот… и да не ги набројувам сите сè додека не стигнеме до некој од бушманските јазици (или, ајде да се изразам поправилно – којсанските јазици), и со којшто пак ќе имаме некое преклопување, без разлика колку и да е мало. Од оваа гледна точка, зарем нема да го сметаме тврдењето дека на Земјата кој и да е народ и јазик „немаат ништо заедничко меѓу себе“ за очигледна глупост? Така ли треба да си го доживуваме светот во којшто живееме? А како противотров за глупоста од овој вид тука можам да ги понудам стиховите на Кочо Рацин: „Куќа цел свет братски ми е, братски срце што отвора…“ Белким некому ќе помогнат.

Зборувате за некаков дијалектен континуум…

– Секако. Дијалектен континуум претставува мрежа на локални говори, каде што во однос на поединечните јазични црти огледани во фонетиката, морфолошката и синтактичката структура, како и лексиката, невозможно е да се најде забележителна разлика помеѓу непосредни говорни соседи, особено таква што би го попречила заемното разбирање. Односно, во рамките на еден дијалектен континуум разликите го пречекоруваат прагот на забележливото единствено со изминато поголемо географско растојание, но без никаде да може да се идентификува отсечна граница.

Јазичното подрачје на речиси цела Европа се состои од неколку поголеми дијалектни континууми. Така, ние можеме да определиме еден северногермански дијалектен континуум, којшто ги опфаќа сите нордиски земји (Данска, Норвешка, Исланд, Шведска), континентално-германски дијалектен континуум (опфаќајќи ги Германија, Холандија, Луксембург, Австрија, поголем дел на Швајцарија, областа Фландрија од Белгија). Понатаму, имаме голем западноромански дијалектен континуум (кој ги опфаќа Апенинскиот и Иберискиот Полуостров, како и цела Франција), кој од своја страна е составен од неколку помали дијалектни континууми – гало-романскиот (Франција, областа Валонија на Белгија, североисточна Шпанија, северна Италија), иберо-романскиот (поголем дел од Шпанија и Португалија), итало-романскиот (средна и јужна Италија).

На крај, можеме да определиме и еден голем севернословенски дијалектен континуум (Полска, Чешка, Словачка, Белорусија, Украина, Русија), како и јужнословенски дијалектен континуум, кој од своја страна може да го разделиме на два помали континууми – западниот јужнословенски (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија) и источен јужнословенски континуум (Македонија, Бугарија). Сега, литературен јазик се создава кога во рамките на даден дијалектен континуум од неговата средина ќе се одбере еден дијалект, кој ќе биде именуван со националното име, под кое неговите говорители се препознаваат, а соодветна авторитетна институција, во прв ред државата, го наметнува него како исклучиво средство за официјална писмена и усна комуникација, како и книжевна продукција, на многу поголема територија од првичниот географски опфат на дијалектот земен за основа на литературниот јазик, што во практиката најчесто значи територијата над која односната држава има јурисдикција.

Тоа значи дека дијалект е исто што и јазик и зависи од некаква географска поставеност, а не нешто друго?

– Конкретно именуваните јазици во стварноста, т.е. објективно секогаш се дијалекти. Еве, ако кажеме дека струмичкиот дијалект му припаѓа на македонскиот јазик, што значи тоа? Македонскиот литературен јазик е кодифициран врз основа на говорите од приближно средновардарското подрачје, па на запад кон Пелагонија и придружните области. Струмица е надвор од овој географски круг, меѓутоа, тамошниот дијалект во поголема мера споделува црти со дијалектот земен како основа на стандардниот македонски јазик одошто со оној земен како основа за бугарскиот стандарден јазик.

Субјективно, ова го изразуваме со исказот – „струмичкиот дијалект му припаѓа на македонскиот јазик“. Сè се сведува на релативни пропорции на сличност и различност без отсечни граници. Во случајот на источниот јужнословенски дијалектен континуум, на оската исток-запад, како одиме од запад кон исток, пропорцијата на јазични црти на дијалектите што им се заеднички со дијалектот-основа на бугарскиот јазик е сè поголема, а со дијалектот-основа на македонскиот јазик сè помала, додека спротивното се случува кога на таа иста оска одиме од исток кон запад.

И тука сега доаѓаме до она клучното – кој бил прв, кој на кого му е дијалект?

Целото интервју на

mkd.mk

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •