јануари 25, 2021

ЕУ? АЛО, ЕУ? ЕУ МА?!

Приказна за Сашко, Шипе, Иво и Европа

На оваа приказна ми текна кога си помислив како ли се чувствуваат сите оние ѓоа мудри глави што парадираа со ЗА прилепено на нивните профилни слики и ревери, кои нѐ убедуваа дека од историја и име не се живее, кои ги етикетираа сите неистомисленици како небањати сељаци, пропагирајќи го виткањето кичма како врвна кама-сутра поза што нуди безгранична сексуална сатисфакција…

На времето, во Народниот театар во Куманово си работеше еден локален актер со звучен прекар Шипе. Фин и кроток човек.

Арно ама, во тоа време во истиот театар почна да работи и тогаш младиот актер Сашко Коцев, добродушен мајтапчија и тежок заебант.

И еден ден, додека седеле на проба подготвувајќи некаква претстава, Сашко на Шипе му прави дубара: искача до веце и оттаму му се јавува на Шипе од некој свој втор мобилен, чијшто број Шипе не го препознава – и со преправен глас му се претставува како Иво од „Вардар филм”, продуцент, со понуда за филмска улога.

По овој разговор Шипе се враќа назад на проба, ама видно изменет: немарно го џитка театарскиот текст на маса, го здомрзува да глуми, со отсутен поглед ги гледа колегите и режисерот… Тој себеси веќе се гледа на големото филмско платно. Холивуде, еве ме! Збогум, жохари!

Сите присутни, упатени во зафрканцијата, си се изнасмеале – ама ништо не му рекле.

Но поминале недела-две, и Шипе свртел на истиот број.

Овојпат Сашко бил тој што не го препознал повикот. Се разбудил мамурен и без да го менува гласот, со тешка мака промрморел „Ало?”.

Од другата страна Шипе се држи за сламка: „Ало, Иво? Иво, Шипе овде… За онаа улогата, нели ќе се јавевте?”

Сашко, на кого по цела претходна ноќ тулумарење дента ич не му било до смеење, уште нерасонет му признал: „Шипе, Сашко е. Мој е бројов. Јадачка беше.”

На што од другата страна крикнал очаен човек: „С-Сашко?”… И веднаш потоа: „Иво? Ало, Иво? Иво, бе?!”.

****

На оваа приказна ми текна кога си помислив како ли се чувствуваат сите оние ѓоа мудри глави што парадираа со ЗА прилепено на нивните профилни слики и ревери, кои нѐ убедуваа дека од историја и име не се живее, кои ги етикетираа сите неистомисленици како небањати сељаци, пропагирајќи го виткањето кичма како врвна кама-сутра поза што нуди безгранична сексуална сатисфакција…

И откако таа ЕУфорија помина, настапи отрезнувачко будење од убавиот сон: никаде им ја нема Меркел, никаде им ја нема Могерини, никаде им го нема Столтенберг, никаде им ги нема овие што ги тапкаа по рамо ко мали деца и им викаа „Блескате, блескате, само напред кон амбисот!”.

Наместо нив, го гледаат грдиот лик на Красимир Каракачанов како им се кљафти во фаца.

Наместо Иво од „Вардар филм” – мамурен Сашко!

И ми доаѓа да прснам од смеење кога ги слушам како запомагаат по непостоечката лажна слика, својата мила и непрежалена ЕУ фатаморгана:

„ЕУ? Ало, ЕУ? ЕУ ма?!

Автор: Дарко Митревски

Извор off.net.mk

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •