јануари 24, 2021

Бугарските историчари испорачуваат алиби за ветото

На еден ден пред дводневната онлајн средба на Мешовитата комисија, бугарскиот копретседател на комисијата, Ангел Димитров, ги обвини македонските колеги дека прават сè да нема напредок во разговорите, иако политичарите го сакаат тоа, со што сериозно ги поткопува обидите историчарите надвор од политичките притисоци да изнајдат решение за историските спорни прашања, за што и се назначени. Неговиот македонски колега, професорот Драги Ѓоргиев, изрази зачуденост од ваквите ставови на Димитров. Копретседавачот од македонска страна смета дека е далеку покорисно да се даде личен придонес во научната дискусија во рамките на комисијата, отколку во јавноста да се даваат еднострани политички толкувања и лични желби.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Бројните обвинувања од бугарска страна на македонска адреса за спроведувањето на Договорот за добрососедство и темпото на Заедничката македонско-бугарска мешовита комисија за историски и образовни прашања, губат легитимитет со пораките кои го минираат процесот однапред. На еден ден пред дводневната онлајн средба на Мешовитата комисија, бугарскиот копретседател на комисијата, Ангел Димитров, ги обвини македонските колеги дека прават сè да нема напредок во разговорите, иако политичарите го сакаат тоа, со што сериозно ги поткопува обидите историчарите надвор од политичките притисоци да изнајдат решение за историските спорни прашања, за што и се назначени.

Како увертира пред средбите утре и во петок, Димитров изјави дека со загриженост ја очекува новата средба на заедничката бугарско-македонска комисија, но се надева дека ќе направат барем еден мал чекор напред. Димитров смета дека ваквиот пристап го одложува решавањето на разликите во блиска перспектива.

  • Отсекогаш сакавме да работиме поинтензивно со стегнат ритам, но тоа не се случи. За следната година се планирани само пет состаноци, што не е доволно. Политичарите од двете страни сакаат напредок, но историчарите од македонска страна на комисијата прават сè што е можно да не се случи тоа. Сè е до политичката волја, но во преден план доаѓа не само улогата на политичарите, туку и на историчарите. Не е во ред историчарите во Македонија да чекаат нова ситуација за да направат критичка анализа. Историчарот е должен да ја каже вистината и да го подготви општеството за вистината, вели во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ) Димитров, кој е и поранешен бугарски амбасадор во земјава.

Тој нагласува дека позицијата на Бугарија за прашањето на Македонија е „единствена и монолитна“, односно дека тоа е ставот како на Владата, така и на Народното собрание и на сите партии застапени во него, а исто и на претседателот. Димитров зборува и за интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС со кое тој предизвика реакции во јавноста, а дел од членовите на македонскиот преговарачки тим се оградија од изјавите во него. Според бугарскиот историчар, зборовите на премиерот Заев кои влеале надеж дека има нов поглед кон минатото, наишле на сериозна критика дури и од членовите на комисијата.

Неговиот македонски колега, професорот Драги Ѓоргиев, изрази зачуденост од ваквите ставови на Димитров. Копретседавачот од македонска страна смета дека е далеку покорисно да се даде личен придонес во научната дискусија во рамките на комисијата, отколку во јавноста да се даваат еднострани политички толкувања и лични желби.

-ЗАЧУДЕН СУМ ОД СИЛНАТА ПОЛИТИЧКА ИЗЈАВА НА КОЛЕГАТА ЧЛЕН НА АКАДЕМСКО И ЕКСПЕРТСКО ТЕЛО, И ТОА ВО ПРЕСРЕТ НА НОВАТА СРЕДБА. СТАВОТ ЗА МОНОЛИТНА ПОЛИТИЧКА ПОЗИЦИЈА ВО ОДНОС ПОГЛЕДИТЕ ЗА МИНАТОТО Е КАКО ОДДЕК ОД ЕДНО ДРУГО ВРЕМЕ. ИСТО ТАКА, ДА СЕ ПОДРЕДУВА НАШАТА РАБОТА НА ПОЛИТИЧКИ БАРАЊА И ПОГЛЕДИ Е АКАДЕМСКИ НЕПРИФАТЛИВО, ВЕЛИ КОПРЕТСЕДАВАЧОТ ОД МАКЕДОНСКАТА СТРАНА ВО МЕШОВИТАТА КОМИСИЈА, ДРАГИ ЃОРГИЕВ ВО ИЗЈАВА ЗА РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА.

Ѓорѓиев, сепак, во пресрет на средбата рече дека очекува членовите на Комисијата да се однесуваат професионално и академски.

-АКО ОДНАПРЕД СЕ БАРААТ ОПРАВДУВАЊА ЗА НЕУСПЕХ НА СРЕДБАТА ТОА СЕКАКО НЕМА ДА ПРИДОНЕСЕ КОН РЕАЛИЗАЦИЈА НА НАШИТЕ ЗАЕДНИЧКИ ЦЕЛИ. ДАЛЕКУ Е ПОКОРИСНО ДА ДАДЕМЕ ЛИЧЕН ПРИДОНЕС ВО НАУЧНАТА ДИСКУСИЈА ВО РАМКИТЕ НА КОМИСИЈАТА, ОТКОЛКУ ВО ЈАВНОСТА ДА ДАВАМЕ ЕДНОСТРАНИ ПОЛИТИЧКИ ТОЛКУВАЊА И ЛИЧНИ ЖЕЛБИ. ОЧЕКУВАМЕ ПЛОДЕН ДИЈАЛОГ ОСЛОБОДЕН ОД ПОЛИТИЧКИ ПРИТИСОЦИ И ПОЛИТИЧКИ АГЕНДИ СО ЦЕЛ ДА ПРИДОНЕСЕМЕ ВО ГРАДЕЊЕ НА ЗАЕМНО ПРИЈАТЕЛСТВО, ВЕЛИ ЃОРГИЕВ.

Утре и во петок заедничката македонско-бугарска комисија треба онлајн, поради пандемијата со ковид-19, да ја одржи 11-та средба. Тема ќе биде содржината во македонските учебници по историја за средновековието и раноосманлискиот период. На маса најверојатно треба повторно да се најде и ликот и делото на македонскиот револуционер Гоце Делчев и неговото евентуално заедничко чествување, тема која предизвика најголем раздор помеѓу историчарите и јавноста, а имаше ублажувачки пораки од премиерот Заев. Последната средба историчарите ја имаа на 15 и 16 октомври во Скопје и тогаш немаше голем напредок во работата. На оваа средба беа разгледувани и усвоени препораки за бугарските учебници за овие периоди.

Изминатите две години комисијата препорача заедничко одбележување на пет историски личности – свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самуил. Беа усвоени препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 6 клас/7 одделение.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •