јануари 15, 2021

СДСМ најавува онлајн седници во Собранието – со или без опозиција

Мнозинството ќе обезбеди онлајн седници на Собранието, со или без опозицијата, најавија од СДСМ, откако опозициските партии го блокираа предлог-законот со илјадници амандмани. ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса/Алтернатива, поднесоа 3.000 амандмани, со што ја блокираа работата на Мандатно-имунитетната комисија, на која требаше да се расправа за измените на деловникот, со кои се дава можност, пратениците кои се заразени или се во изолација поради коронавирусот, да гласаат од дома.

Митрески обвинува и дека, пратениците од опозицијата кои претседаваат со собраниски комисии, намерно не закажуваат седници, со што се блокираат и  закони поврзани со економските мерки на владата. Меѓу нив се и ваучерите од 6.000 денари за пензионери, корисници на право на социјална сигурност, самохрани родители, деца без родители, уметници и филмски работници. Тука е и законот за финансиска поддршка за намалување на ковид последиците врз производството, откупот на грозје и винската индустрија.

Но, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ негира дека ги кочат овие закони.

Од ВМРО-ДПМНЕ очекувале претходен дијалог и за предлогот за онлајн седници, но велат дека од владата немале слух, затоа и поднеле амандмани. Остануваат на барањето, дијалогот за измена на Деловникот да се води во рамки на иницијативата Жан Моне.

Со предвидените измени, пратеник кој е заразен со Ковид-19 и поседува решение за изолација, ќе има право да се вклучи во дебати и да гласа од дома. Оваа мерка не важи за пратениците кои боледуваат од други болести или од сезонски грип, како и за владините претставници при образложување на законите или разгледување на амандманите. Досега само еднаш во Собранието се случиле измени на деловникот без консензус со сите партии.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •