јануари 24, 2021

Коридор 8: Бочварски стана тринесеттиот министер за транспорт кој ја вети пругата на надежта

Ова ќе биде најважниот капитален проект за идната година, а ќе чини вкупно 600 милиони евра, вака денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ја најави работата на првите две делници за пругата кон Бугарија.  Инаку, пругата кон Бугарија е најкористеното изборно ветување од 1993 година. На сите партии и сите влади. Тендерот не е распишан, но од владата велат “до март ќе бидне”. 

„За првите две фази сакаме да распишеме еден тендер и притоа да избереме изведувач. Посакуваме тоа да биде силен изведувач којшто ќе може да се зафати и да ги работи овие работи. Се работи за комплексна пруга. Само за втората и третата делница треба да бидат изградени 91 мост и 32 тунели. Самиот граничен премин се наоѓа во тунелот. Се работи за сериозен проект од околу 600 милиони евра коишто треба да бидат наш приоритет и во наредниот период, пред се, и за развојот на добрососедските односи и за развој на инфраструктурата“, наведе Бочварски на денешната прес конференција.

Пруга на надежта

Коридорот 8 се сонува точно 151 година. За непријател ги имал сите светски и балкански војни, земјотреси, чуми, низа политички неподобни историски моменти. Но, најпогубно се покажува три децениско лошо и неодговорно владеење на политичките елити во Македонија, Бугарија и Албанија.

Коридорот осум има важна мисија – да ги спои Каспиското море, Црното море и јужниот Јадран, односно јужна Италија. Поминува преку Софија. Од таму влегува во Македонија и преку Крива Паланка, Скопје и Струга стигнува во Албанија.
Коридорот 8 завршува во пристаништето на Драч. Има патна и железничка инфраструктура од 932 километри, а заедно со пропратната транспортна инфраструктура тоа се 1,500 километри.

Трасата од Крива Паланка до бугарската граница е најтешкиот и најскапиот дел од Коридорот 8. Затоа е и најатрактивна приказна од политичко-партискиот фолклор секогаш кога треба да се дадат најголемите и најзначајните ветувања.

Извор: ИРЛ

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •