јануари 23, 2021

Бугарија повторно ја блокираше рамката за преговори со Македонија

Ни на денешниот состанок на Советот на амбасадори, Бугарија не даде зелено светло за одобрување на рамката за преговори за Македонија. Како резултат на тоа не беше утврден ни датум за почеток на преговорите, односно за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу земјата и Европската унија. Амбасадорите повторно ќе се состанат во среда, а конечната одлука се очекува да биде донесена од Генералниот совет на ЕУ на 8 декември.

Владата во меѓувреме уверува дека ќе направи сè за да се реши спорот со Софија и да се деблокира евроинтеграцијата, но сè уште не се кажува на кој начин ќе се стори тоа. Двете земји разменија документи, но не се познати детали. Бугарскиот министер за одбрана Каракачанов повтори денеска дека Софија не може да дозволи Скопје да почне преговори сè додека, како што рече, го крши Договорот од 2017 година и оти за тоа Бугарија наишла на разбирање од другите земји-членки.

„Бугарија ги брани своите национални интереси. На крајот на краиштата, Бугарија е членка на ЕУ, а не Македонија и нашите колеги треба да ги земат предвид ставовите на земјите-членки, а не на земјите-кандидати. Јас го објаснив тоа на културен начин со аргументи и факти. Не мислам дека сме погрешно разбрани од европските партнери. Бугарија никогаш не дала безрезервна поддршка. Рековме дека доколку договорот не се почитува, нема да има влез во ЕУ.“

Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев коментираше дека не треба да се пропушти историската можност за решавање на спорот, најавувајќи дека по изборите во март, во Бугарија може да дојде потешка Влада за компромис. Според него, доколку Скопје гарантира спроведување на Договорот за реформи и се посвети на нив, можно е Софија да го тргне ветото во декември. Инаку, почетокот на преговорите со ЕУ, Софија го условува со почитување на јазичната формулација во согласност со Договорот од 2017 година, со прецизни упатства за спроведување на Договорот и одрекување од тврдењата за постоење на македонско малцинство во Бугарија.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •