јануари 26, 2021

Заев за ТВ21: Немам закажано средба со Борисов – Разговорите сѐ уште траат, неофицијално викендов ќе има решение?!

Зоран Заев Бојко Борисов

На десетина дена пред одржувањето на Советот на министри на која ќе се знае дали ќе ги почнеме преговорите со Европската унија, нема информации околу тоа што се договара меѓу Македонија и Бугарија и што содржат документите што се разменуваат меѓу двете земји. Наспроти неофицијалните информации дека деновиве премиерот Заев треба да има средба со бугарскиот колега Борисов, тој за ТВ21 го демантира ова.  

„Нема закажано средба помеѓу мене и Борисов. На ниво на работни групи под раководство на нашиот и бугарскиот министер за надворешни работи се разговара“, вели Заев за ТВ21. 

Сепак, министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели во Владата постои оптимизам дека во Владата ќе се реши спорот со Бугарија иако, додава, оптимизам е потребен и од двете страни.

„Ќе направиме, како што покажавме и во минатото, се за да се  најде решение но никако на сметка на прашањата кои кажавме дека се нашата црвена линија, прашањето на македонскиот јазик и прашањето на македонскиот идентитет. Сакаме решение кое ќе биде одржливо, сакаме решение кое што ќе биде корисно за двете земји. Било какво решение кое што задира во овие прашања, ќе биде само причина за дополнителна недоверба“, посочува Радмила Шекеринска.

Со соопштение се јавија и од Советот на амбасадорите од каде предупредуваат дека секоја интервенција во минатото може да биде погубна и со несогледливи последици.

„Историските настани не треба и не може да се прекројуваат, а иднината на која и да е земја,  за која нејзините граѓани плебисцитарно се определиле, не смее да се попречува. Односите меѓу двете држави се наоѓаат во деликатна фаза и внатрешно-политичките, регионалните и пошироките меѓународни последици со евентуален континуитет на затегнати односи и за Скопје и за Софија можат да бидат мошне сериозни“, посочи Совет на амбасадори.

Советот за општи работи на кој и официјално ќе биде познато дали Македонија ќе ги почне преговорите треба да се одржи на 8 декември и тој е последната можност да се деблокира македонскиот евроинтеграциски пат за време на германското претседателство. Засега од Бугарија се уште нема официјален став дали ќе даде зелено светло или повторно ќе не блокира. Овој викенд, според дипломатски извори на Брисел е клучен за постигнување договор меѓу двете земји.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •