јануари 27, 2021

ВМРО-ДПМНЕ денеска со нов протест во Скопје

Нов сенароден протест во Скопје на кој ќе биде побарана оставка на премиерот Зоран Заев денеска ќе организира најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Протестот ќе започне во 12.30 часот, а собирно место се две локации: СЦ “Борис Трајковски” во општина Карпош и СЦ “Јане Сандански” во општина Аеродром. Поради корона кризата протестот ќе биде со автомобили а по собирањето двете колони ќе тргнат кон Владата.

-Скопје ја сака слободата која е скапо платена и Скопје протестира. За доброто на Македонија, порачуваме заеднички: Оставка на Заев, слобода на народот! Сакате да промените нешто затоа што знаете дека повеќе не оди вака и не сакате да бидете соучесник во газењето по коските и жртвата на Илинденците, партизаните, хероите? Сега е времето кога треба да се протестира, за утре да не биде предоцна, нагласи во поканата за протест партискиот лидер Христијан Мицкоски во објавата на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Ова е нов во серија протести кои се одржуваат во изминативе два дена по скандалозното интервју на Заев за бугарската агенција „Бгнес“.

–Македонија се обединува против Заев, против заедничкиот противник, против негаторите на македонската историја, идентитет и јазик. Сѐ повеќе луѓе се охрабруваат да застанат во редот на одбраната на она што е свето и за кое се бореле и гинеле генерации, а кое сега се распродава. Сѐ повеќе граѓани на Република Македонија, кои имаат разлики по многу точки, се обединети во едно – бидејќи знаат дека нема назад од тука. И не отстапуваме ни чекор од она што е наше. За доброто на Македонија, порачуваме заеднички: Оставка на Заев, слобода на народот!, потенцира Мицкоски.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •