јануари 17, 2021

Филипче: Граѓаните да разберат дека вирусот ќе опстане, широко е распространет

Глобално, расте бројот на смртни случаи, односно тој број изнесува 60.000 починати на неделно ниво. Сите земји во светот се соочуваат со истиот предизвик – менаџирањето на болничките капацитети, недостаток на медицински персонал. Во Србија се бележат рекордни бројки, по 50 смртни дневно, а иста е ситуацијата и во Хрватска каде има 50 смртни случаи, во Словенија која е како нас по број на население има 1.767 нови случаи секој ден, а смртни случаи бележат по 46 дневно. Бугарскиот систем е совладан од наглиот пораст на пациенти, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Тој информира дека охрабрува фактот што расте бројот на оздравени пациенти од домашно и од болничко лекување.

– Процентот на оздравени е зголемен за 45 отсто, а трендот продолжува и во текот на оваа недела. Системот „Мој термин“ на некои клиники е редуциран, но секаде работи нормално, нема одложување на хроничните интервенции. Дури и таму каде што има ковид-одделенија, функционираат амбулантите. Цел систем е мобилизиран со цел да се изменаџира хоспитализацијата на пациентите, во координација сме со директорите на клиниките и со другите директори на болници во државата. Притисокот врз болниците е голем, иако слободни кревети има секаде. Од анализите може да се забележи дека епидемијата го достигна пикот пред една недела и оттогаш бројот на ковид-случаи е стабилизиран – информира министерот.

Во однос на лекувањето на ковид-пациентите, тој кажа дека матичниот лекар прави проценка на здравствената состојба, врз основа на што пропишува терапија.

– Нема специфична терапија за ковид-19. Фавипиравирот е лек за кој се водат бројни студии исто како и за Ремдесивирот, со одредени докази дека влијае на скратување на период на хоспитализација. Во смисла на тоа, матичните лекари имаат насоки како да постапат. Ако има потреба, пациентите се упатуваат во болниците, има слободни кревети. Имаме пристап според кој, не треба да се препорачуваат лековите за кои не е докажано дека лекуваат. Матичните лекари постапуваат според клиничката слика и состојба на пациентот. Има пациенти кај кои има голема лепеза на манифестација на болеста, па се остава простор за пристап кој значи лекување според клиничката слика – рече Филипче.

Тој повтори дека граѓаните треба да разберат дека вирусот ќе опстане и дека тој е широко распространет и побара од нив да ги почитуваат мерките, кои според него, даваат резултати. Во однос на вакцините, кажа дека се позитивни вестите во однос на тоа, бидејќи тие се веќе во завршни фази.

– Некои дополнителни мерки засега не планираме да воведеме. Критични градови се Куманово, Штип, Битола и Скопје. Во Прилеп добро е изменаџиран болничкиот капацитет – додаде тој.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •