јануари 16, 2021

Битиќи: Граѓаните да бидат смирени, секој денар за кој се задолжуваме, оди за нивните потреби

Во интервју за дневникот на ТВ Сител, Битиќи потенцира дека задолжувањето на државата е за добро на граѓаните, за да се обезбедат нивните елементарни потреби и тоа прашање, иако сега многу „жешко“, за неколку години ќе биде сосема ирелевантно.

Владата, напоменува Битиќи, будно следи се што се случува, ги следи сите индикатори од граѓаните, стопанството и социјалната сфера и реагира соодветно. Скоро на секоја седница се носат дополнителни мерки – за групи граѓани, за јавни претпријатија, за компании, зашто се увидува дека сега треба да се излезе во пресрет. Така ќе биде, најави, до крајот на оваа и почетокот на идната година.

-Ќе повторам, граѓаните треба да бидат смирени. Секое задолжување се прави зашто е потербно некој да се грижи за нивните елементарни потреби. На граѓаните треба да им се обeзбеди вода за пиење, инфрастурктура, подобри здравствени и образовни услуги. Секој денар за кој се задолжуваме, оди за потребите на граѓаните. Само таков пристап ќе обезбеди тие да чувствуваат дека некој се грижи за нив, но и економијата ќе почувствува дека некој и помага, дека има партнер од другата страна кој ги следи развојните политики. Задолжувањето се прави со цел подобрување на квалитетот на животот и за добро на граѓаните, потенцира вицепремиерот.

Според него, категоризациите на црните сценарија се непотребни во овој момент.

Во однос на Буџетот за 2021 година и оценката на бизнисмените дека е преамбициозен со 3,5 милијарди евра на приходната страна, Битиќи е уверен дека ваквата проекција е оптимална, ниту е песимистичка, ниту оптимистичка.

-Имаме капацитет како економија, како стопанство, да собереме толку даноци, дециден е Битиќи.

На прашањето, пак, дали Владата може да биде сигурна дека дефицитот ќе остане само половина милијарда во 2021-ва, како што е проектирано во Буџетот, Битиќи одговори дека истото прашање треба да им се постави на сите земји во светот.

-Се обидуваме да направиме предвидувања во период на непредвидливост. Сепак, остануваме на ставот дека дефицтитот ќе биде во тие рамки и на среден рок ќе го вратиме на пониско ниво од она што беше пред КОВИД-от, кога бевме во многу добра кондиција, нагласи вицепремиерот.

Тој уште еднаш потсети на своето поранешно укажување – дека погрешните политики креираат сиромашни работни места. Затоа, подвлече, оваа Влада ќе креира нови работни места, повисоко платени, кои ќе овозможат достоинствен живот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •