јануари 24, 2021

Главата горе Македонци!!!

Стефчо Негриески

Ако не можеш да решиш проблем, зголеми го!!! Зголеми го до толку за да изгледаш дури и херој со тоа што не можеш да го решиш. Токму тоа деновиве го прави Зоран Заев, премиер на Република Македонија, а соучесници сме сите ние кои на неговите ступидни изјави качиме емотикони на фејсбук и тоа претежно „пукнав од смеа“. А, во суштина треба да излеземе на улица и да му покажеме дека македонскиот народ е против ваквите негови политички авантури, а неговото место е на буништето на македонската политика.

Зоран Заев имено, знае дека шансите за добивање датум за преговори се никакви, ако не и во длабок минус. Исто така знае и што ја чека државава на економски план следниве два месеца. Не е тој така глуп и наивен човек како што сака да се претстави. Затоа ќе го дува балонот на кризите, надворешно-политичка, здравствена, економска… и секаква можна, до пукање на балонот. Па ќе води кризен менаџмент. Три елементи се заеднички за една криза: (а) закана за државата (Македонија во моментов е под секаков вид на закана), (б) елемент на изненадување ( Ковид – 19, последниве негови изјави за историскиот и национален спор меѓу Бугарија и Македонија се токму изненадувачкиот фактор дури и за неговите верни следбеници) и (в) кратко време на одлука ( токму тоа ни го прават политичарите, едноставно и се измислуваат проблеми во многу области за да не може обичниот човек да ги восприеми сите нив, а тие го користат тоа за брза одлука). Кризата е процес на трансформација каде стариот систем повеќе не може да се одржува, а Заев е дел од причините за истата, никако решение!!! Но, вака нападнати од сите страни, повеќето од луѓето се свртуваат кон одржување на „статус кво“ ситуација. Тоа е нормален човечки одговор – „ај нека помине ова лудило, па после тоа ќе го решиме одговорниот“.

По неуспехот со добивањето на датум за почеток на преговори со ЕУ пред некој ден, Зоран Заев како кловн продолжува да ја „забавува“ македонската јавност. Знае тој да направи дефокус од вистинските проблеми во државава, а најголемиот е самиот тој. Знае и дека Македонија ќе биде членка на ЕУ кога Турција ќе биде претседавач на Советот на ЕУ. Значи никогаш. И не е така глуп како што сака самиот тој да биде перципиран, а народот се фаќа на овој дефокус како „риба на јадица“. Во таа насока е и вчерашното интервју за бугарскиот БГНЕС, чист дефокус. Сите ќе зборуваат за оваа негова глупост, а датум не испорача, напротив уште толку ја усложни позицијата на државава, но и уште малку нема да се зборува за невидената економска криза која е тука, само што уште никој не ја гледа. Заради дефокусот, нормално. Купување уште малку време за да се поработи на сопствените бизнис интереси. Значи, од гледна точка на почеток на преговори во декември и решение на спорот со Бугарија, кој што самиот тој заедно со претседателот на Републиката го создадоа со потпишување на преспанскиот т.н. договор, останете спокојни. Таква работа нема да се случи, па затоа вчера во интервјуто ќе изјави „гаранциите кон Бугарија ќе станат законско решение“. „Мало сутра“!!! Како може Заев да излезе од мандатот на Владата и да ги преземе ингеренциите на Собранието. Тој може да лаже дел од Македонскиот народ, попрецизно неговата клиентела со таква детска итроштина, но секако не може Борисов и Каракачанов. Тие му бараат уставни гаранции.

Но, немојте да бидете мирни со тоа што сега е невозможно да се реши самонаметнатиот спор  со Бугарија. Заев околу него има прибрано поприлично голема бројка на клиентелисти, кои секогаш ќе бидат спремни да го задржат на тронот, но и сами да си ја задржат поприлично комотната финансиска позиција. Тоа е вистинската опасност за во иднина. Исто така и покрај неуспехот во договорањето со Бугарија сега, не можеме да преминеме преку фактот дека ОВИЕ ТРИ ГОДИНИ, со склучувањето на вакви „договори“, Заев изгуби страшно многу територија во одбраната на националните интереси. Или кажано со бизнис речник, со каков што сака тој да се служи, ја намали цената на Македонија на светскиот пазар. Ги развлече црвените линии како ластик. Знаете како се тегне ластикот. Тоа се сега освоени територии на Грција и Бугарија, и почетна точка во можни идни преговарања. Значи, од држава која беше призната од околу 140 држави во светот под уставното име, со признат јазик на сите светски меридијани, горди Македонци каде и да одиме низ светот, во 4 години овој човек успеа да ги избрише сите национални атрибути на Македонија. Име сменето, јазик под закана, гордоста смачкана.  Затоа, немојте сега повторно да западнете во хибернација во каква што сме од 2016 година наваму, овозможувајќи му го на Заев сево ова. Доста бевме робови во својата држава. Приоритетно е да ја елиминираме опасноста наречена Заев од извршната власт. Сите истомисленици за националните прашања здружно, без разлика на партиската припадност. Ако ова не нe обедини, тогаш Заев ќе победи!!!

Изгубивме многу битки, ама војната се уште трае. Не е сè изгубено. Главата горе Македонци!!!

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •