јануари 16, 2021

Рашковски не си оди од Владата, туку сега ќе биде „само“ секретар

Со владина одлука, што е на сила од вчера, се воведуваат три нови позиции „секретар“ и уште три „помошник-секретар“, од кои едната (за мониторинг и поддршка на институциите) била резервирана за досегашниот генерален секретар на Владата

Драги Рашковски, доскорешниот генерален секретар на Владата, не си оди од „Илинденска“ ниту откако вчера неговата функција ја презема Мухамед Зекири, потпретседател на СДСМ.

Рашковски, според наши информации, е поставен на друга позиција во владиниот кабинет. Тој, во изјава за ТВ 24, вели дека од денеска е на функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма.

Всушност, станува збор за нова функција, која, како што обави денеска „360 степени“, е предвидена со измени во одлуката за формирање канцеларија на претседателот на Владата. Одлуката вчера беше објавена во „Службен весник“, а со неа се предвидува и формирање на посебен секретаријат за мониторинг и поддршка на институциите.

Исто така, треба да се формираат уште два нови секретаријати – за „комуникации“ и за „администрација“, со секретари и помошници на секретарите.

Пред извесно време, премиерот Зоран Заев соопшти дека Рашковски поднел оставка на функцијата генерален секретар. Претходно, уште пред изборот на новата влада на Заев, се појавија информации дека нов генерален секретар на „Илинденска“ ќе биде тогашниот пратеник Дамјан Манчевски, кој, во меѓувреме, соопшти дека се повлекува од политиката и заминува во приватниот сектор.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •