јануари 16, 2021

Ние не мислиме за Бугарија но ќе си ја пазиме Македонија. Немојте и вие да мислите за Македонија, туку пазете си ја Бугарија…

Димо Хаџи Димов, секогаш прецизен, точен и актуелен дури и по 118 години од излегувањето од печат на неговиот помалку познат реферат во јавноста „Македонското прашање и учителот“, во кој прави анализа на влијанието на Македонија врз бугарската политика и бугарскиот народ. Иако рефератот е напишан и издаден во 1902 година во Ќустендил, а прочитан на една од седниците на Плевенскиот учителски собир – 15 април 1902 година, за прв пат на македонски јазик од бугарски, целосно е преведен и објавен во 2014 година (претходно сегментарно објавуван), а тек во 2020 година (пред неполн месец) книгата срамежливо и ненајавено е пуштена во продажба, како дел од едицијата ProMacedonia. Одличен избор за освежување на домашната библиотека. Потенцирам два цитати кои се надевам ќе побудат интерес за прочит на остатокот.

„…Во моите очи Бугарија е најголемиот и првиот виновник за нетрпеливоста меѓу балканските народи, и следствено, најголемата и прва пречка на балканската солидарност. По нејзината жед за Македонија сите интриги на нашите соседи, сета нивна злоба, сите вештачки пропаганди во Македонија се најприродни и неотстранливи. Еден Фирмилијан (српскиот владика во Скопје) е можен само по докажаната заинтересираност на Бугарија кон Македонија. А европскиот дипломатски свет секогаш може да им даде еднаква поткрепа на две спротиставени балкански држави штом се работи за тоа да ги имаш нивните штикови на идно располагање… Првиот и најголемиот виновник за ова, повторувам, е самата Бугарија…“

Ова мала книгичка топло ја препорачувам за сите оние кои денес својата реторика ја темелат на бугарското влијание врз Македонија, со цел да ја согледаат критичноста и маестралниот ум на Хаџи Димов, како и одличната опсервација на политичките и социјалните случувања во тогашна Бугарија, а во контекст на македонско – бугарските односи денес. Хаџи Димов е маестрален во изразот, сочен во малициозноста, полн со жестока аналитичност и обмислен сарказам, потврдувајќи се себе си како врвен интелектуалец и прво перо на Македонската револуционерна организација.

„…Каков став можеме да заземеме ние кон волчешкиот македонски апетит на денешната бугарска држава? Можеме ли ние да сочувствуваме на нејзините завојувачки замисли кои ги фрлија широките народни слоеви во најголема мизерија и очај? Можеме ли ние да гледаме ладнокрвно кон нашите државници со нивната бесна жед да ги рашируваат пределите на Бугарија, да обединуваат некаков бугарски народ, фрлајќи ја во пропаст целата земја? Можеме ли ние да гледаме спокојно како безумни и алчни пакосници безмилосно разоруваат цел еден народ заради некаков си веќе никому непотребен историски идеал? Можеме ли ние да се радуваме кога гледаме дека заради некакви историски и етнографски права на Бугарија, таа е подложена на едно нечовечно исцедување, на едно жестоко измачување и разорување? Можеме ли ние спокојно да гледаме како високоучените професори од Вишото училиште, здружени со главатарите на бугарските политички банди и сите високопросперитетни духовници, доволно дебело плаќани „дејци“ и доволно дебело плаќани „писатели“, „апостоли“ и „борци“; можеме ли да ги гледаме спокојно како тие платени бугарски „патриоти“, најбесрамно ги лажат бугарските граѓани, на јавни мегдани, дека некакво „црковно единство“ , дека некакво „нацонално обединување“ ќе го усреќи бугарскиот народ? Може ли да не ни се грчи душата од негодување и лутина кога ги слушаме дваесет и пет годишните официјални разбојници во Бугарија, истите тие кои ја разорија и урнисаа земјата за да го потикнуваат бугарскиот народ со оружје в рака да заштите некакви црковни и национлни права? Можеме ли да бидеме ладнокрвни кога гледаме дека заради личните грижи на нашиот чорбаџилак и неговиот врховен господар се готват крвави раздори со нашите блиски соседи? Можеме ли, прашувам јас, да го гледаме спокојно сето ова? НЕ!…“


Фотографија на Димо Хаџи Димов од 1900 година со колеги учители во Дупница: од лево на десно (седат) Георги Панчаревски, Иван Кепов и Славе Србов; (стојат) Димо Хаџи Димов, Сотир Величков и Александар Млаџов.

Фејсбук статус на Диме Ратајкоски

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •