јануари 18, 2021

ЕУ без перспективи

Не, не е грешка. Доста веќе зборуваме за перспективите на Македонија во ЕУ, бидејќи тоа е можеби најневажното прашање во моментов. Обратното е она што е круцијално, бидејќи откако го „освоивме“ НАТО (и се усреќивме), во идните три децении (ако е да му се верува на Хан), Сизифовата работа треба да е поврзана со нашиот „темен предмет на желбата“, Европската Унија. Какви се перспективите на таа мост сексипајл лејди, што би рекол Заев? Од одговорот на ова прашање зависи и дали вредат националното обезличување и понижување заради влезница во „клубот“. Можеби некои ќе се сетат, но слично беше и во 2005 година, кога го добивме кандидатскиот статус. До раните утрински часови во Европскиот совет се водеа битки за буџетот (тогаш сè уште со Британија како значаен играч), а Меркел успеа да ги смири страстите. Тешко е да прогнозирам што ќе се случи до декември оваа година, но со троецот Заев, Димитров и Бујар и „чуда“ се можни. Кога ќе научиш да потклекнуваш пред секого, уште една капитулација не е страшна (од нивна гледна точка). За патот на Македонија кон ЕУ одамна напишав дека ме потсетува на романот на Скот Фитцџералд „Чудниот случај на Бенџамин Батон“ – колку поблиску, толку поинфантилни, за конечно да исчезнеме како неродено бебе. За истата работа, и Зеколи направи одлична паралела со „Старецот и морето“: стигнуваш на (безбедниот) брег со уловот, а од него не останало ништо.

Во таа смисла, се сеќавам на изјавата на Жарко Пуховски по влезот на Хрватска во ЕУ: Мислевме дека ќе стигнеме на веселба, а тука сме за време на погреб. На конференциски настап некоја година подоцна, тој дополни дека најголемата разлика за граѓаните е што плаќаат пониски телефонски сметки, сè друго е исто. И уште една работа: по влегувањето во ЕУ, исчезнува она „суперего“, кое ги тера земјите да се однесуваат подобро, а потиснатиот темен „ид“ испливува на површината. Ако ме прашувате мене, јас сум против ЕУ, која е корпоративен ентитет, кој нема ништо заедничко со мир, социјална правда и обединување на народите. Обландата на „европски вредности“ е лажна како и наративот за Унијата дека таа е „Европа“. Не е ни чудо што (полу)учени луѓе се целосно шашардисани, па и ако биле во Советот на Европа бладаат за ЕУ, не правејќи разлика меѓу двете меѓународни организации. Но како ганџата на Зоќе, така и европскава бајка си има халуциногени ефекти. Особено кај најсиромашните и очајните… Затоа сум за (ментален и интелектуален) легзит, лева критика на Унијата како капиталистичка творба чиј квалитет и траење зависат само од профитот. Германски, првенствено, но и на другите поголеми држави (или, поточно, нивни корпорации)…


Интересно е колку лесно забораваме како се однесува Брисел кон своите непослушни и сиромашни роднини. Грција од 2015 година беше показна вежба за сите други. Но, поучени и од тоа искуство, другите сиромашни и недисциплинирани роднини од поранешниот социјалистички блок сега учат да го користат правото на вето во внатрешните односи. Европската комисија и Европскиот совет (надлежни за буџетот на Унијата) се обидоа да воведат принцип на стап и морков кон (божем) еднаквите, а во врска со невладеењето на правото. Ветото на Полска и на Унгарија за буџетот (до 2027) и за фондот за закрепнување од пандемијата е само една од илустрациите за егзистенцијалните закани со кои се соочува ЕУ. Некои зборуваат за нов bête noir – Polexit, полегзит.

Целата колумна на

novamakedonija.com.mk

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •