јануари 17, 2021

Во НП Галичица официјално евидентирани 500 дивоградби, дел ќе мора да се урнат

Во границите на Националниот парк „Галичица“ евидентирани се вкупно 500 дивоградби, за кои сопствениците поднеле барање за легализација до Локалната самоуправа, а за кои таа се обратила за мислење до јавната установа.

Од оваа бројка, три дивоградби се во строго заштитената зона на паркот, во која не е дозволена никаква градежна активност и три во зоната за активно управување, каде исто така не се дозволени никакви градежни активности. Останатите официјално регистрирани бесправно изградени објекти, а кои биле или се предмет на легализација, согласно позитивните законски прописи, се во во Зона на одржливо користење, каде градба е дозволена, но во согласност со прописите и издадено позитивно мислење на јавната установа Национален парк „Галичица“. – стои во информацијата што на наше барање ЈУНП „Галичица“, ја достави до OhridNews.

Во зоната на одржливо користење гравитираат голем број приватни имоти, но не секаде може да се гради. Таков е случајот со одреден, помал процент од речиси петстотините дивоградби евидентирани во зоната за одржливо користење, кои, како што дознава OhridNews се пред уривање, односно им е издено решение за отстранување.

Што се однесува до спорниот објект во атарот на селот Трпејца, кој беше предмет на реакции во јавноста деновиве, од ЈУНП „Галичица“ информираат дека истиот се наоѓа на приватен имот во зоната за одржило користење во границите на паркот. Имотот е во сопственост на жител на с. Трпејца, кој не е вработен во ЈУНП „Галичица“, од каде велат дека во случајот, јавната установа ги има преземено сите мерки согласно ингеренциите кои ги има.

При вршење редовна контрола, чувар на паркот, вработен во нашата установа, го забележал посочениот објект, за кој по увидот истиот изготвил записник кој уредно е архивиран и доставен до надредениот раководител. – информира ЈУНП „Галичица“.

Од националниот парк информираат дека за случајот се обратиле со барање за инспекциски надзор до Градежната инспекција на Општина Охрид со барање да се извести надлежниот државен инспекторат за животна средина.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •