јануари 17, 2021

Опозиционерите „координирано“ не му отидоа на Џафери на координација

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од Алијанса најавуваат дека, веројатно, веќе нема да им помагаат на своите колеги од владејачкото мнозинство ниту за овозможување кворум, откако спикерот ги стави на дневен ред дополнувањата на Деловникот за да овозможи онлајн гласање поради ситуацијата со ковид-19

Координаторите на пратеничките групи на опозициските партии денеска претпладне не присуствувале на редовната координација со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Една од причините за тоа, како што наведуваат, е, меѓу другото, ставањето на дневен ред на дополнувањата на Деловникот на Собранието без договор со опозицијата. Според најавите, се доведува во прашање и понатамошното учеството на опозициските пратеници на координативните средби и на пленарни седници.

Предлогот за дополнување на Деловникот за работа на Собранието, по сратена постапка, што предвидува вклучување на далечина на пратеници со ковид-19 и во самоизолација во работата на параламентот и работните тела, е ставен на дневен ред на седницата што Џафери ја закажа за в четврток, 26 ноември.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски потврди дека не присуствувал на координацијата и дека не дале поддршка предлог – Деловникот да биде на дневен ред, имајќи предвид дека досега негови измени, главно, се носеле со консензус.

Опозициските пратеници, веројатно, веќе нема да им помагаат на своите колеги од владејачкото мнозинство ниту за овозможување кворум.

Координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи за МИА најави дека тие ќе присуствуваат само на седници со точки на дневен ред за кои ќе проценат дека се од интерес за граѓаните, а не во интерес на политичките партии од власта.

Реџепи рече дека причина за тоа што не присуствувал на денешната координација со Џафери е, како што рече, едностраната одлука за ставање на деневен ред на седница на точка за која мнозинството и опозицијата не се ни блиску до договор.

„Ќе се преиспитаме дали ќе одиме на координација при вакви чекори на претседателот на Собранието“,

рече тој обвинувајќи дека владејачките партии сакаат да ја прикријат нивната несериозност.

Опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива се противат на какво било онлајн работење на Собранието посочувајќи дека на таков начин владејачкото мнозинство сака да го прикрие тенкото мнозинство од само 62 пратеници и оти со тоа ќе се прекрши член од Уставот.

Опозициските партии денеска реагираа и поради неможноста да се следи работата на Комисијата за здравство во Собранието, на која на дневен се и измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, прдедложени од опозицијата, односно предлогот за формирање државна комисија за заштита од ковид-19. По реакциите, седницата е презакажана за 15:30 во салата „Борис Трајковски“, која е попространа и има галерија од каде што расправата може да ја следат и новинарите.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •