декември 2, 2020

25 години од Дејтонскиот договор со кој се стави крај на југословенската војна

Денес економијата на БиХ е слаба, платите се ниски, јавните сервиси се неефикасни, градовите се загадени, младите и образoваните масовно заминуваат на печалба, а доминантните политичари на трите етнички заедници сѐ уште се повикуваат на војната во обид да ги задржат функциите.

Со легитимизацијата на систем во кој етничката припадност е главна, Дејтон, всушност, многумина од мојата генерација ги направи поконзервативни и поголеми националисти од нивните родители – вели Хана Чурак, 26-годишен социолог од Сараево

Дејтонскиот мировен договор, потпишан на 21 ноември 1995 година, беше клучниот инструмент за стивнување на оружјето во Босна и Херцеговина, за враќање на бегалците, прогон на осомничените воени злосторници и основа за економска обнова, тој денес, 25 години подоцна, претставува сопирачка за напредувањето на Босна и Херцеговина и затоа ретко кој го прославува.

На Босна и Херцеговина ѝ се потребни многу и големи чекори ако сака да се приближи на Европската Унија, порача британскиот амбасадор во Сараево, Мет Филд, спроти одбележувањето на годишнината. Амбасадорот Филд прифаќа дека „Дејтон“ асоцира на поделби исто колку што потсетува на мир.

– Што и да прочитате за неговото постигнување, јасно се гледаат несовршености. Тој не беше постигнат само како основа за формирање модерна и инклузивна земја, туку како средство за поставување рамнотежа на политичките интереси на етничките противници, преку механизми за поделба на моќта – истакнува Филд.

Затоа, според амбасадорот, БиХ одамна го надраснала договорот и мора да тргне напред.

– Дејтон не е издлабен во камен. Политичките права не може да бидат ограничени врз основа на тоа каде живеете, на која етничка заедница ѝ припаѓате или дали сте од конститутивен народ – пишува британскиот амбасадор.

Преговори под бомбардер

По три и пол години крваво војување, по 250.000 загинати и повеќе од милион раселени лица, лидерите на Босна и Херцеговина, на Србија и на Хрватска – Алија Изетбеговиќ, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, под воен и дипломатски притисок од САД, почнаа преговори во американската воздухопловна база Рајт-Патерсон во Охајо.

Главниот посредник, „булдожерот“ Ричард Холбрук, имаше „одврзани раце“ да ги убеди тројцата лидери да постигнат договор, врз основа на мировниот план изработен од Контакт-групата, во која свои претставници имаа и Русија, Британија, Франција, Германија и Италија. По 20 дена напорни преговори, дури и под крилата на бомбардер „б-52“ и пред проектил „томахок“ поставени како експонати во базата, Изетбеговиќ, Милошевиќ и Туѓман на 21 ноември 1995 година го потпишаа Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната и Босна и Херцеговина беше поделена на ентитети на етничка основа. Во Федерацијата БиХ беа вклучени бошњачката и хрватската заедница, на 51 отсто од територијата на земјата, а на преостанатите 49 отсто од територијата беше воспоставена Република Српска.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •