декември 3, 2020

МАКОТРПНА БОРБА ЗА КИСЛОРОД, СТРУШКАТА БОЛНИЦА ГИ ПОЛНИ КАПАЦИТЕТИТЕ – СЛОБОДНИ УШТЕ ПЕТ БОЛНИЧКИ ЛЕГЛА (ВИДЕО)

Струшката болница ги преполнува капацитетите, а слободни се уште пет болнички кревети. Сместени се 35 пациенти од кои 20 се приклучени на кислородна поддршка. Кислород на дневно ниво се троши пет пати повеќе од вообичаеното или околу 40 боци за 24 часа.

Директорот  Мухамед Асани вели работата  од ден во ден е се посложена и во однос на потрошувачката на кислород, бројот на болнички кревети, но и се поголемиот број на млади пациенти кои доаѓаат на лекување со исклучително тешка клиничка слика.

Олеснување во бробата со корона вирусот ќе донесе изградбата на модуларната болница за која веќе се подготвува теренот и која ќе овозможи хоспитализација на 35 пациенти.

Ситуацијата иако сложена се држи под контрола, но бројките на новозаболени во Струга се во константен раст. Во последната седмица ковид 19 е дијагностициран кај 183 лица, а меѓу нив има и медицински персонал.

Што се однесува до состојбата на пациентите, од болницата велат дека таа од минута во минута е променлива. На пациенти со лесни симптоми наеднаш им се влошува состојбата па завршуваат на апарати за дишење, додека некои од нив за жал поради компликации не ги дочекуваат ниту резултатите од ковид тестирањето. Од почетокот на пандемијата досега во Струга и струшко заболеа 1218 лица, а починаа 85. Бројот на активни случаи изнесува 364.

Извор: Тв 24

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •