ноември 29, 2020

Депозитите намалени, минимален раст на кредитирањето

Кај вкупните депозити во октомври 2020 година, е остварен пад од 0,2 отсто на месечна основа, којшто во поголем дел се должи на намалувањето кај депозитите на секторот домаќинства, при поумерено намалување и кај депозитите на корпоративниот сектор, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

„Во октомври, вкупните кредити забележаа месечен раст од 0,3 отсто, којшто целосно се должи на повисокото кредитирање на „домаќинствата“, при пад на кредитирањето на корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст на кредитите изнесува 6,7 отсто и е под влијание на зголеменото кредитирање на двата сектора, со повисоко учество на секторот „домаќинства““, соопшти Народната банка.

Анализирано од аспект на намената на кредитите одобрени на физичките лица, најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, во октомври, забележаа месечно зголемување од 0,4 отсто и 1,1 отсто.

„Кај автомобилските кредити, овој месец е остварен месечен и годишен пад од 2,6 отсто и 9,8 отсто, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,5 отсто и 3,6 отсто, на месечно и годишно ниво. Во октомври, негативните салда на тековните сметки бележат месечен раст од 3,3 отсто, додека на годишна основа тие се намалени за 9,2 отсто. Кај кредитите одобрени врз други основи е забележан месечен и годишен пад од 0,7 отсто и 6,8 отсто“, информираат од Народната банка.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •