декември 3, 2020

Османи: Лани пречка беше Франција, денес е Бугарија, утре некоја друга членка на ЕУ, но мора да бидеме оптимисти

Наша задача е да бидеме оптимисти и да работиме за подобра иднина и сѐ додека постои консензуална желба на граѓаните за европска унија, нема пречка која што може да не застане на тој пат, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во однос на амбиентот околу евроинтеграциите на Македонија, Османи од Битола најави подготвеност за претстојниот тежок процес на преговори.

„Треба да бидеме подготвени дека влегуваме во тежок процес на преговори, а преговорите секогаш имаат пречки на патот. Ние минатата година имавме пречка во октомври кога Франција, но и други држави имаа дилеми во однос на поддржувањето и замислете тогаш да се откажевме затоа што се појави пречка. Не, ние продолживме, и во март годинава ја добивме поддршката од Франција. Денес имаме пречка од Бугарија, утре ќе имаме пречка од некоја друга држава членка на ЕУ, но овој процес бара консензус, бара напорна работа, бара умешност, стратегија, дипломатија и трпение во одредени моменти затоа што е заснован на консензуалната определба на граѓаните. Нема алтернатива на членството во ЕУ, нема алтернатива на добрите односи со Република Бугарија и со соседите, и тука го базираме оптимизмот“, рече Османи.

Тој потврди дека интензитетот на влaдините активности не е намален и е во функција на европската идеја за развој на Балканот.

„Ние не изгубивме ниту еден час по донесената одлука која за жал ќе ја ослаби европската идеја во регионот и штети ќе има за Република Македонија, за Република Бугарија, но и за целата европска идеја во регионот. Но, продолжуваме да работиме затоа што сметам дека уште има простор, влогот е голем, а последиците би биле лоши доколку се намали перспективата на државата и регионот, а со тоа ќе ослаби идејата на ЕУ на Балканот“, изјави Османи.

Неговата порака е дека со внатрешна кохезија и внимателно негување на односите со Република Бугарија ќе се постигне напредок во процесот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •