ноември 28, 2020

Протестна декларација на историчари од Белград, Загреб, Љубљана… против бугарската злоупотреба на македонската историја

Наметнувањето „историски вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создадени сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право, пишува во писмото на група историчари од Србија, Босна, Хрватска, Словенија и Црна Гора, кои бараат од ЕУ да реагира на злоупотребите на историјата од страна на нејзина членка.

Конфликтите околу историјата и историските симболи повторно се важно политичко прашање во Југоисточна Европа. Во последните месеци, владата на Република Бугарија се закани дека ќе го блокира почетокот на преговорите меѓу Брисел и Скопје, барајќи од Република Македонија да ја прифати „историската вистина“ дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација е создадена од Тито и Коминтерната.

Тргнувајќи од ставовите изразени во Декларацијата „Да ја одбраниме историјата“, ние, потписниците на ова писмо, изразуваме протест и осуда за овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели. Сметаме дека ваквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но исто така и на самата Европска Унија. Наметнувањето „историски вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создадени сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право.

Затоа бараме од историчарите во Република Македонија и во Бугарија, но и во сите земји во регионот, да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребите на нивната дисциплина. Бараме од политичарите да водат одговорна политика, да не ги поддржуваат историчарите што разгоруваат националистички конфликти и да не вршат притисоци што доведуваат до фалсификување на минатото. Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребите на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската Унија, кои деновиве на Балканот и во Европа се загрозени, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската Унија е создадена како лек против лошите искуства од минатото и затоа не смееме да дозволиме со искривување на историјата да се уништуваат принципите врз кои се темели идејата за обединета Европа.

Ние, потписниците на ова писмо, им даваме поддршка на интелектуалците и историчарите во Република Македонија и Бугарија што отворено се спротивставуваат на политичките притисоци и се борат да ја заштитат својата професија и професионалните стандарди. Само солидарно можеме да ги надминеме сериозните пречки што стојат пред нас!

18 ноември 2020 година

Проф. д-р Дубравка Стојановиќ, Универзитетот во Белград

Проф. д-р Хуснија Камберовиќ, Универзитетот во Сараево

Проф. д-р Твртко Јаковима, Универзитетот во Загреб

Проф. д-р Божо Репе, Универзитетот во Љубљана

Доц. д-р Аднан Прекиќ, Универзитетот на Црна Гора

Д-р Сњежана Корен, Универзитетот во Загреб

Д-р Миливој Бешлин, Универзитетот во Белград

Проф. д-р Дамир Агичиќ, Универзитетот во Загреб

Доц. д-р Бранимир Јанковиќ, Универзитетот во Загреб

Проф. д-р Момир Самарџиќ, Универзитетот во Нови Сад

Д-р Олга Манојловиќ Пинтар, Институтот за поновата историја на Србија, Белград

Проф. д-р Хрвоје Класиќ, Универзитетот во Загреб

Проф. д-р Радина Вучетиќ, Универзитетот во Белград

Д-р Срѓан Милошевиќ, историчар, Белград

Д-р Александар Р. Милетиќ, историчар, Институт за поновата историја на Србија, Центар за историски студии и дијалог, Белград

Вељко Станиќ, историчар, Белград

Петар Жарковиќ, историчар, Белград

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •