декември 3, 2020

ВЛАДАТА ЌЕ ВОВЕДЕ КРИЗНА СОСТОЈБА, ПРИВРЕМЕНО ЌЕ МОЖЕ ДА УПРАВУВА И СО ПРИВАТНОТО ЗДРАВСТВО

Претседателот Стево Пендаровски кажа дека Советот за безбедност ќе ѝ предложи на Владата да воведе кризна состојба на територија на целата земја во траење од 30 дена, по денешниот состанок, на кој присуствуваа и министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев и се дискутираше за состојбата со пандемијата на ковид-19. Пендаровски појасни дека воведувањето ваква кризна состојба нема никаква врска со воведување полициски час, ниту какви било други рестриктивни мерки.
Кризната состојба, вели Пендаровски, ќе овозможи армијата да дава поддршка на територијата на целата земја, слично како што сега е случај на северната и јужната граница, каде што одамна има кризна состојба поради мигрантите.

„Во кризна состојба има законска можност владата да управува со ресурсите на државните органи, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, како и Градот Скопје, но и на трговските друштва, во овој случај приватните здравствени установи. Не станува збор за национализација, туку евентуално за нивно управување, но само таму и во обем за кои владата ќе процени дека е потребно“, изјави Пендаровски.

Тој објасни дека за сите услуги кои што приватните здравствени установи ќе ги даваат ќе добијат обесштетување, односно компензација.

„Нема да биде национализација, па да имаме нов газда, туку државата ќе биде менаџер во наредните 30 дена. Законски, обесштетувањето не може да биде повеќе од 30% од пазарната вредност“ додаде претседателот.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека на располагање ќе бидат капацитетите на сите приватни болници и приватни поликлиники, како и кадарот кој што таму работи.

„Денеска за многу кратко време ќе направиме проценка со што ќе се располага, како и план за работа“, рече Филипче.

Премиерот Заев кажа дека кризната состојба ќе биде прогласена најдоцна до утревечер.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •