декември 3, 2020

Соединетите држави воведоа нови санкции кон Иран

На црната листа се наоѓа фондација контролирана од врховниот ирански верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Иранскиот врховен лидер го користи Бонајад Мостафазан за да ги награди своите сојузници под маската на добротворна организација, рече Стивен Мнучин.

САД воведоа нови санкции за Иран во средата и ја ставија на црната листа фондацијата контролирана од врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, само два месеци пред Доналд Трамп да ја напушти Белата куќа. Санкциите, кои ги објави американското Министерство за финансии, а чија цел е и иранскиот министер за разузнавање, се последната акција во кампањата за максимален притисок врз Иран спроведена од администрацијата на сегашниот американски претседател. Министерството за финансии соопшти дека целта на санкциите е клучната мрежа за Хамнеи. Бонајад Мостафазан, Фондацијата на угнетените под контрола на Хамнеи, е на црната листа.

Со санкциите беа опфатени уште 10 лица и 50 организации поврзани со фондацијата во секторите енергетика, рударство и финансиски услуги. Санкциите вклучуваат замрзнување на средствата во САД на насочени поединци и организации и забрана на Американците да прават деловни активности со нив.

„Репресија на сопствениот народ“

„Врховниот водач на Иран го користи Бонајад Мостафазан за да ги награди своите сојузници под маската на добротворна организација“, изјави американскиот министер за финансии Стивен Мнучин. „Соединетите држави ќе продолжат да ги таргетираат клучните функционери и извори кои му дозволуваат на режимот да изврши репресија врз сопствениот народ“, додаде тој. Трамп, кој зазеде цврст став за Техеран за време на неговиот мандат и еднострано се откажа од нуклеарниот договор со Иран склучен од неговиот претходник Барак Обама, минатата недела се распраша за опциите за напад врз главната иранска нуклеарка, од која на крајот се откажа, изјави високо позициониран претставник на администрацијата во понеделникот. Министерството за финансии воведе санкции и против иранскиот министер за разузнавање Махмуд Алави и го обвини неговото министерство дека игра улога во кршењето на иранските права, особено за време на минатогодишните протести.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •