декември 1, 2020

Оставка од Заев бара ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се на негова ланска изјава, Заев не се дава

Опозицијата повторно предлага да се формира влада за национален спас – два и пол месеци по изборот на вториот кабинет на СДСМ и на ДУИ, по 10 парламентарни избори што беа распишани во февруари годинава, а се одржаа во јули

Оставка од премиерот Зоран Заев, поради блокадата од Софија за преговарачката рамка, бара и утрово ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на негова изјава од пред речиси една и пол година, за време на првиот мандат на владата на СДСМ и на ДУИ, кога за Република Македонија се уште немаше одлука за старт на преговори со ЕУ.

Во прилог на денешното соопштение, ВМРО-ДПМНЕ достави две фотографии со изјави на Заев во врска со преговорите со ЕУ.

Едната фотографија е од синоќешното гостување на премиерот на ТВ 21, каде што тој изјави дека нема да поднесе оставка, поради блокадата од Бугарија на вчерашниот министерски совет на ЕУ.

Втората фотографија е од интервју на Заев за белгиски весник, од почетокот на јуни 2019 година, кога Македонија чекаше одлука за почеток на преговорите, за четири месеци подоцна да се соочи со француското „не“ на минатогодишниот Европски самит.

Тогаш Заев побара предвремени парламентарни избори, за добивање нов мандат. Поради ковид-кризата, изборите, наместо на 12 април годинава, се одржаа на 15 јули. Во меѓувреме, за време на техничката Влада во земјава, и (претходното) хрватското претседавање со ЕУ, беше донесена одлуката за старт на преговорите.

Германскиот државен министер за Европа Михаел Рот, кој претседаваше вчера со министерскиот совет на ЕУ, изјави дека Германија, како актуелен претседавач со ЕУ, имала за цел првата меѓувладина конфереција со Македонија да се одржи во декември, за што рече дека претстојат разговори меѓу Скопје и Софија и во наредните денови и неколку седмици.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •