ноември 25, 2020

Бугарската влада покажува мускули на тема Македонија, пишува деканот на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“

Како тоа Борис Џонсон не се сетил да тропне на маса и да побара од Белата куќа да ги препознае англиските корени на американскиот идентитет, прашува Пенчев во својот блог.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Да и се прави сопка на Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија не е само морално неодбранливо, туку е и геополитички глупаво.

Не можејќи да се справи со растечката епидемија, исплашена од неспособните, но дрски протести, Владата се обидува да покаже мускули барем на темата „Македонија“. Сè започна со ВМРО, која во надувување на овие хистерии виде шанса да го подигне својот рејтинг над прагот од 4 проценти за влез во парламентот, пишува деканот на софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, Бојко Пенчев.

Тој на својот блог пишува дека заради изборите на пролет во Бугарија, земјата е на пат да направи капитална политичка грешка со историски последици.

„Во медиумите ќе најдеме признание дека бугарската позиција е неразбирлива за Европа. Така е, но не ја разбираме и внатре во Бугарија. Што точно сакаме од Македонците за да им го отвориме патот кон ЕУ? Ако ја прашате Екатерина Захариева, потоа (Ангел) Џамбаски и конечно некој од улица, ќе добиете сосема различни одговори. Во исто време, Захариева и Џамбаски ќе тврдат дека бранат позиција за која постои национален консензус. А кој е тој? Наш национален консензус е дека сакаме Македонците да признаат оти тие, всушност, се Бугари. Што не може да се случи и не може да се каже официјално и јавно. Затоа започнуваат пресврти: Зошто си го нарекле јазикот ‘македонски’? Ние не даваме!“, пишува Пенчев понатаму.

Според него, независна држава може да го нарече својот јазик како сака, па дури и да биде идентичен со бугарскиот литературен јазик може да биде наречен македонски, но тоа не е така. Јазиците не се исти, додава тој.

„Во Бугарија се преведуваат и објавуваат македонски автори речиси 30 години, но ‘државниците’ сè уште не сакаат да ги признаат реалностите. Какво значење имаат чисто јазичните изјави за блискоста и разликата?! Ајде, ако тие сакаа да го нарекуваат нивниот јазик ‘бугарски’, а ние бевме ‘против’ затоа што имаме авторски права, ќе имаше некаква логика“, пишува Пенчев.

„Требало да ги признаат бугарските корени на јазикот и идентитетот? Молам?! Да ги признаат ‘корените’, една метафора?! Ова е апсурдно! Како тоа Борис Џонсон не се сетил да тропне на маса и да побара од Белата куќа да ги препознае англиските корени на американскиот идентитет?“, додава тој.

Според него, Бугарите се воспитани да ја гледаат Македонија како збунето дете кое лута и ги заборавило родителите.

„Во учебниците пишувало дека Бугарите биле ‘фашистички окупатори’ за време на Втората светска војна. Тоа е прашање на инерпретација. Всушност, дали БСП признала дека кај нас немало фашизам и соодветно ‘антифашистичко движење’? Може ли во Бугарија да имало ‘фашисти’, но ние да се лутиме ако Македонците ги наречат ‘фашистички’ бугарските окупациски единици на Новите територии во тоа време“, додава Пенчев.

Тој пишува дека време е бугарските државници да се сетат на приказната за Соломон и двете жени кои се расправале која е вистинската мајка на едно дете.

„Кога Соломон им понуди да го подели детето со тоа што ќе го пресече на половина, вистинската мајка рече: ‘Земи го ти, само да биде живо’. Ако Бугарија е вистинска мајка за Македонија, време е да ги пуштиме Македонците на слобода таму за каде што се одлучија. Да и се прави сопка на Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија не е само морално неодбранливо, туку е геополитички глупаво. Предавство на бугарските национални интереси е да се работи Македонија да остане разединета, оставена надвор од ЕУ, распарчена од секакви конфликти и со право е да се посочува дека Бугарија е виновна за сето тоа“, додава тој.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •