декември 2, 2020

А ако Турците, Грците, Русите и Романците сакаат да ги смениме бугарските учебници?

Турците сакаат да ја признаеме туркиската историја на Бугарија, Иранците не се откажуваат од нашето персиско потекло, Грците удираат од зад грб, а Русите допловија до пристаништетот во Варна. И тоа не е сè.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Еден ден бугарски политичар си легнал да дремне после обемен ручек и му се случил следниот кошмар:

На почетокот, премиерот на Македонија без поговор го потпишал анексот на Договорот за добрососедство, признавајќи дека земјата систематски ја крадела бугарската историја и дека во целост има вештачки национален идентитет. Секако, имаше и посебна клаузула во анексот „Гоце е Бугарин“ (и во неа не стануваше збор само за поранешниот претседател на Бугарија, Георги Парванов).

По оваа триумфална дипломатска победа, работите во сонот брзо почнаа да добиваат кризен карактер. Високиот бугарски политичар некако се најде на аеродромот Враждебна, каде слета мешовита делегација од Турција, Азербејџан и Туркменистан. Уште на скалите на авионот, дипломатите на овие три држави мавтаа со нацрт договор. Во него пишуваше дека во периодот 681 – 860 година, Бугарите имаат заедничка туркиска историја. И дека тоа значи дека бугарската нација била вештачки создадена од христијанската интернационала на Византија, со соучество на Словените. Турците се закануваа дека ќе ја преплават земјата со бегалци ако не го потпишеме историското признавање по ова прашање, а Азербејџанците ги вклучија спорните историски клаузули во договорот за снабдување со природен гас. Туркменистан, од друга страна, едноставно апелираше да се почитува историската вистина.

Во исто време на аеродромот слета и иранска делегација, оспорувајќи ги тврдењата на Турците и нудејќи ни потпишување на договор за иранското потекло на Бугарите. Услов беше да го поддржиме Иран во неговиот судир со САД и да ја прогласиме Хезболах за хуманитарна организација.

Додека политичарот се расправаше со Турците и Иранците на Враждебна, Грците од зад грб удрија по Бугарија. Му соопштија дека нивната историска делегација скришно ја минала Кресненската клисура и се нашла директно пред голораката Влада на Бугарија. (Така е кога немаме жичана ограда на грчката граница, си помисли политичарот.)

Без многу вовед, Грците веќе поставија ултиматум: во учебниците да се нагласи цивилизациската улога на Византија на бугарска територија и да не се става голем акцент на воениот отпор кон византиската империја. Предлог договорот предложен од нивната делегација исто така содржеше специјална клаузула за Императорот Василиј Втори Бугароубиецот. Тој треба да биде понијансирано претставен во бугарските учебници и да не се заборава улогата на цивилизатор и прв водач на христијанскиот свет во тие многу тешки времиња. Ако не се исполнат овие барања, Грците се заканија дека ќе го блокираат прифаќањето на европскиот буџет и посебно 12 милијарди евра за Бугарија од фондот за реконструкција.

Разбеснетиот политичар почна да пцуе во сон, ги остави Турците и Иранците, и тргна да ја спречува надојдената византиска историска агресија. Во тој момент му заѕвони телефонот. Му соопштија дека руската црноморска флота е се вкотвила во Варна веејќи го Санстефанскиот мировен договор. Русите исто така биле дојдени со долга листа на барања за историско признавање, почнувајќи од средновековна Бугарија и Киевска Русија, па до потребата од изградба на нови споменици на советската ослободителна армија и завршувајќи со тезата дека рускиот природен гас е како воздух и Сонце за бугарскиот народ. Дипломатите на големата држава исто таа бараа учебниците по бугарска историја да бидат одново напишани од Костадин Костадинов и Волен Сидеров, заедно со тим научници од Московскиот државен универзитет. Згора на сè, Царево повторно требало да го носи името Мичурин.

Додека се мислеше дали да го фати летот за Варна или одма да ѕвони во НАТО, политичарот доби уште една порака. Романска делегација го минала Дунав кај Никопол и побарала Владата до го признае Второто бугарско царство како заедничко со Романците (заради куманското потекло на голем број наши цареви). Политичарот мудро одлучи да ги прати Романците да се објаснуваат со туркиската делегација, бидејќи Куманите исто така биле туркиско племе. Тој само сакаше да добие на време за да ја обмисли целосната одбранбена стратегија на земјата.

Разврска

Разврската дојде од најнеочекуваното место. Додека политичарот очајно собираше контра-аргументи и правеше списоци на историчари за различните заеднички комисии, тој вклучи Си-ен-ен, во надеж дека светот сè уште не дознал за хаотичната ситуација во која Бугарија се нашла. Меѓутоа кога ги виде вестите, тој беше шокиран.

Никој не беше заинтересиран за Бугарија, затоа што етерот трештеше со уште побомбастични вести за историски тврдења. Шведска, Данска и Норвешка сакаат Британија да го запре крадењето на норманска историја и да признае дека Англија е нација која почива на викиншки темели. Шведска се закани и дека ќе ги повлече популарните мали ќофтенца од бифето на ИКЕА.

Италијанците пак, сакаа да бидат прогласени за наследници на Рим и цивилизатори на цела Европа (заради што ЕУ би требало да им покрие барем половина од државниот долг). Велика Британија настојуваше две-третини од светот да ја признае кралицата Викторија за своја политичка вредност и лидер во транзицијата од Средниот век во модерен глобализиран свет. Во спротивно, Борис Џонсон се закануваше дека ќе го врати Обединетото кралство во ЕУ. А Индијанците во САД веќе се договорија со претседателот Џо Бајден американските функционери да носат пердуви и да пушат луле на мирот за време на меѓународни средби…

Тука бугарскиот политичар се разбуди целиот преплавен од пот, ги протри очите и тогаш влезе секретарката која му соопшти дека Заев сè уште не го потпишал анекс-признанието за кражбата на историјата од страна на Македонија.

Испотен и зацрвенет од сонот, тој почна да размислува како да ја отстрани бугарско-македонската историска комисија, а никој да не забележи. И како да направи нешто значајно за односите со соседите. На пример: добар пат, железничка линија или барем шанса за државјаните на двете страни на границата без проблеми да гледаат телевизија.

Даниел Смилов

Извор: офф.нет.мк

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •