ноември 25, 2020

СЛУШНЕТЕ КАКО ЗВУЧИ „ВЕЗИЛКА” РЕЦИТИРАНА ЛИЧНО ОД БЛАЖЕ КОНЕСКИ (Аудио)

Песната „Везилка” важи за една од најубавите и најпознатите песни на нашиот великан Блаже Конески. Речиси и да не постои роден Македонец кој не ги знае на памет овие антологиски стихови. Во продолжение можете да слушнете како звучи „Везилка” рецитирана лично од авторот Конески.

Инаку мотивот на „Везилка” е многу опеаната тажна судбина на целиот македонски народ. Поетот со првите стихови започнува дијалог со старата и искусна везилка од која бара сопатник во потрагата за инспирација, во изнаоѓање на соодветните зборови од кои еден по еден ке го навезе она што се нарекува проста и строга македонска песна. Тој ја истакнува својата длабока вознемиреност и растрепереност и вели:

„Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна.”

Тој го бара одговорот во прегратките на тешкото минато, во времето на големите историски настани испреплетени со маки и страдања овенчани со крв и коски, со болки и солзи за изгубената слобода, изгубените надежи, згаснатите здивови на илјадници кои го дале и последниот од својата земја, за своите чеда, за себе и за човечноста. Везилката како сведок на се она низ што поминал македонскиот народ му дава совет и насока и му вели да провлече два конца од срцевината, едниот црн а другиот црвен. Црниот буди морничави таги, а црвениот светол и стрвен копнеж. Тука веќе е исткаена таа симболичност на овие две бои, едната како боја и белег на смртта, темнината и стравот, а другата како повик за револуција, повик за борба, крик извишен во судбинската вкрвавена зора. Му вели да ги земе при себе и да живее песна од копнеж и песна од мака, стихови во чиј стожар лежи судбината, мачното, стихови кои ќе допрат до сечие срце и ќе предизвикат чувство на бунт и разгор:

„Везилке, крени наведена лика,
погледај в небо во претпладне златно:
се шари таму и чудесна блика
твојата везба на синото платно.”

Ја храбри дека слободата е близу, дека стравот, страдањето и болките ќе минат за миг, во оној момент кога ќе се почувствува синилото на небото, кога ќе се појави синиот конец на дебелото платно. Везилката го поттикнува и понатаму, му зборува за своите спомени помагајќи да ја доврши својата песна, својата низа од навезени зборови кои кријат радост и тага, живот и смрт, слобода и ропство, – се како еден контраст, на една неразделна целина во која едното не може без другото. Му зборува дека тие две бои, црвена и црна, тие бои на жарта се оние кои создаваат немир и страв, се оние кои будат морници и солзи, спомени и сеќавања. А поетовото око ко на трепетна срна е она што постојано бара чудесен звук, жариште на мотиви и инспирација за своја наредна песна, за свој иден стих. Останува само везилката, и понатаму опкружена со тие две бои, со тие две судбини кои пополека но сигурно го пригушуваат и гаснат секој нејзин мил спомен. Зашто таа видела слики и призор на црнило и хорор, а ние ја слушаме само вистинската приказна за едно бурно време.

„И најмил спомен што в душа ми блеска
се гаси од нив ко цвеке без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја.”

Стилска фигура како реторско прашање со кое бара совет од везилката и започнува разговор со дијалошка форма на неа. Во втората строфа одговорот е јасен и има симболичко прикажување. Црната нишка го симболизира ропството, маките и страдањата на македонскиот народ, а црвената нишка, борбата и копнежот по слобода. Има контраст:

„едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.”

И вториот дел од песната е во дијалошка форма. И повторно реторско прашање и компарација за да на крајот заврши зборувајќи за себе, за својата судбина како творец, уметник.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •