ноември 27, 2020

Путин сака Бразил, Индија, Кина и ЈАР да вложат во масовно производство на руската вакцина

Рускиот претседател Владимир Путин, чија земја тврди дека произвела ефикасна вакцина против коронавирус, денеска ги повика БРИКС да ги здружат напорите за масовно производство, без да ги обелодени деловните услови на понудата.

„Руските вакцини постојат, тие се ефикасни и безбедни. Останува прашањето за нивното масовно производство“, рече Путин на виртуелниот самит на земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка).

„Важно е да се здружат силите за масовно производство “, додаде тој.

Путин додаде дека неговата земја веќе има потпишано договори со Бразил и Индија за клинички испитувања на вакцината Спутник V, прва пријавена од Русија и произведена од Институтот за истражување Гамалеја во Москва.

Тој исто така истакнал дека има договори со Кина и Индија за „отворање центри за производство на вакцините во тие земји, не само за нивните потреби, туку и за потребите на трети земји“.

Русија тврди дека нејзината вакцина против коронавирус, која во моментов е во третата фаза на клинички испитувања, е ефикасна во 92 проценти од случаите.

Иако Москва досега не открила ниту една научна документација за вакцината за време на меѓународната трка за производство на успешен лек против ковид-19, нејзините автори претходно оваа недела рекоа дека студијата наскоро ќе биде објавена „во едно од најголемите светски медицински списанија“..

Во моментов се тестираат вакцини што ги развиваат други руски лаборатории.

Русија на крајот на октомври поднесе барање до Светската здравствена организација (СЗО) за забрзана регистрација на вакцината Спутник V, именувана по првиот вештачки сателит во историјата конструиран од Советскиот сојуз.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •