декември 2, 2020

Заев стави потпис на Меморандумот за разбирање со ЕБОР кој ја помага Македонија за пристапувањето кон ЕУ

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) нуди круцијална поддршка во критичен момент преку денешното потпишување на Меморандумот за разбирање со Владата на Македонија, со кој ќе се поттикне пристапот на земјата кон Европската Унија (ЕУ).

Документот беше потпишан на виртуелната церемонија од страна на Претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо и Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.

Со него се обезбедува зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инклузивен раст, одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија, вклучувајќи ги и приоритетите за регионална поврзаност и зајакнување на инвестициската клима и управување.

Претседателката на ЕБОР Рено-Басо рече дека ова се чекорите кои Македонија ги прави во нејзиното пристапување кон ЕУ. 

„Ни претставува задоволство да ги поддржиме овие витални напори со нашиот придонес. Во овие времиња кои бараат поголем ангажман, поважно од било кога е со заеднички сили, не само да се справиме со моменталните предизвици, туку и да ги согледаме долгорочните цели на земјата, рече Рено Басо.

Во Меморандумот за разбирање, Банката изразува поддршка во сет мерки на политички ангажман, техничка помош и инвестиции, со цел да го задржи моментумот на приближување на земјата кон ЕУ.

Соработката помеѓу Македонија и ЕБОР ќе се фокусира на три области:зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инклузивен раст, на одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија, вклучувајќи ги и приоритетите за регионална поврзаност и зајакнување на инвестициската клима и управување.

Владата ќе ги дефинира реформските области, инвестициските можности и ќе промовира активности од овој меморандум. ЕБОР ќе го поддржи развојот на домашните компании, преку финансирање и долгорочни советодавни услуги, зајакнување на конкурентноста преку поголем пристап до финансии и поддршка кон економската инклузивност, младите и оние од подалечните региони.

На состанокот премиерот Заев, истакна дека и покрај бројните предизвици и неизвесност со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, заложбите на Владата на среден и на долг рок се преку системски мерки да се придонес за севкупен економски раст.

Во таа насока се и овие иницијативи за соработка кои имаат прецизно воспоставени цели за подобрување на конкурентноста на приватниот сектор и на севкупното деловно опкружување.

Банката ќе помогне во активностите на завршување на клучната транспортна инфраструктура, ќе промовира одржлива инфраструктура и поддршка на разновидна енергетска поддршка, со цел да се зајакне улогата на обновливите извори на енергија.

Владата на Македонија и ЕБОР ќе соработуваат и во подобрување на инвестициската клима, промовирање на меѓуграничната трговија и инвестиции, како и соработка со претпријатијата во државна сопственост во енергија и инфраструктура, со цел да се подобри нивното корпоративно владеење.

ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Македонија. До денес има инвестирано над 2 милијарди евра во 136 проекти во земјата. Банката се фокусира во поддршка на интеграцијата на земјата во регионалните и глобалните пазари, особено во интензивирање на соработката со клучните партнери како што е Европската Унија и Европската Инвестициона Банка.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •