декември 1, 2020

Во тајност се подготвува како ќе се продава државното земјоделско земјиште

Државното земјоделско земјиште оди на продажба. Пред околу еден месец  премиерот Зоран Заев оваа идеа ја најави во емисијата Економски Магазин на Алсат. Сега владата и потврдува дека граѓаните и фирмите ќе имаат можност да купуваат обработлива почва од државата со што освен сопствен бенефит, корист ќе има и економијата на Македонија. Но, од министерството за земјоделство и од Владата засега не откриваат детали.

„Сѐ што е во врска со продажба на земјоделско земјиште не би можеле да го комуницираме сега бидејќи е сеуште рано, во фаза на анализа“, велат од министерството за земјоделство.

Неодговорено остана кои ќе бидат условите и цената за купување на државното земјиште. Земјоделците пак бараат пред да почне распродажбата да се направи сеопфатна анализа, бидејќи грешките на властите може скапо да ги чини оние кои цел живот работат на нивите. Над 80 отсто во земјава се индивидуални земјоделци.

„Сите тие земјоделци или повеќето имаат земено земја под концесија. И ако утре дојде некој и им ја купи таа земја тие ќе останат без својот приход кој што многу години ја работат и си инвестираат во тоа земјоделство. А нема да можат да понудат повисока понуда кога ќе дојде моментот на продажба“, вели Васка Мојсовска, претседателка на федерација на фармери.

Земјоделците дополнително стравуваат дека по купувањето на државното земјоделско земјиште, инвеститорот ќе се обиде истото тоа земјиште да го пренамени во градежно и наместо земјоделски производи да никне објект кој ќе се користи за некоја друга намена. Премиерот Заев уверува дека тоа нема да се случи, и дека на продажба ќе бидат околу 30 отсто од земјоделското земјиште на државата.

„Причината за ова е бидејќи нема инвестиции во земјоделството. Нема кредити, или банките не им даваат кредити на лозовите насади, бараат земјиштето да го имаат. Државата освен што ќе оствари добар приход, тоа земјиште ќе остане тука, никој не го носи надвор“, рече премиерот Заев.

Проценките на владата се дека во следните три години од продажба на земјоделско земјиште државата ќе собере околу 300 милиони евра.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •