декември 1, 2020

Амазон ќе започне да им доставува лекови на рецепт на своите клиенти во САД со лансирање на новата услуга – Amazon Pharmacy

Членовите на „Амазон премиер“ ќе имаат право на дводневна достава на лекови, како и намалување на цените на генеричките и брендираните лекови.

Оваа услуга ќе им овозможи на клиентите да ги внесат своите податоци за осигурување во „профилот на аптеката“, се вели во соопштението на Амазон. Оттаму, тие ќе можат да избираат опции за плаќање. Клиентите ќе можат да купуваат лекови преку главната веб-страница на Амазон. Споменатите членови на „Премиер“ добиваат попусти до 80 проценти на генерички и 40 насто на брендирани лекови кога плаќаат без осигурување, пишува порталот Бизнис инсајдер.

Амазон исто така ќе ги прикаже споредбите за да нагласи дали е поевтино клиентите да плаќаат со осигурување или да се потпрат на попустите на компаниите. Пациентите можат да побараат од своите лекари да испраќаат рецепти директно до Amazon Pharmacy, соопшти компанијата.

Лансирањето на новата услуга следи откако Амазон купил мал стартап PillPack за испорака на лекови, и е дел од поширокиот тренд на пробивање на компанијата во здравството. Во јуни 2019 година, Амазон лансира сопствен бренд лекови без рецепт, а во август го пушти во продажба својот нов апарат за мониторирање на здравјето, наречен Halo.

„Бидејќи се повеќе луѓе се обидуваат да ги вршат своите секојдневни работи од дома, аптеката е важен и неопходен додаток на онлајн продавницата на Амазон“, рече Даг Херингтон, постар потпретседател на компанијата.

Тој додаде дека PillPack обезбедува исклучителна услуга за луѓето со хронична здравствена состојба повеќе од шест години.

„Сега ја прошируваме понудата на аптеки на Amazon.com, што ќе им помогне на повеќе клиенти да заштедат време, пари, да го поедностават животот и да се чувствуваат поздраво“, нагласил тој.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •