ноември 29, 2020

Спасувањето на “војникот” Зоран

Стефчо Негриески

(Северно)македонската елита и разно – разни фејсбук инфлуенсери се изнапишуваа стотици писма до Захариева, Каракачанов, Бојко Борисов (овој и со име, поубаво се римува), а јас сум решил да напишам писмо до Заев и Пендаровски. Познати ни се мотивите зошто оваа т.н. елита, претежно “новинарски” пера, тргнаа во оркестриран напад на бугарската политичка елита. Несомнено, добро се “нафатирани” за тоа. Да се спаси војникот Зоран од ваква заседа во која влета не е лесна задача. Но, и чини поприлично. Ех, барем да му напишеа некое писмо и на Ципрас на времето, или на Коцијас?!

Коцкарот повторно сакаше и сè уште сака (не го потценувајте) да одигра “ол ин”. Тој е сега волк во јагнешка кожа. Па денес ќе изјави дека правото на самоопределување и идентитетските прашања не можат да бидат предмет на преговори. А цело време преговара, договара, мешетари, ветува, го лаже сопствениот народ. Само што сега искусните лисци на масата за покер веќе знаат дека поприлично празни му се џебовите. Па полека му го дигаат влогот. Прво Мисирков, овој прати, после Делчев овој прати, па јазикот овој “ин”. Аха почекај дечко, ама вие сте Бугари, вас Тито на дребонг ве направи. Добро, и тоа прати, иако веќе почнува да се сомнева во местенката. Се играат како со мало дете. Коцкар во душа ама со мало искуство од играта против најдобрите мајстори. На крај кога Захариева ја даваше изјавата за Тито, демек не може Македонија да го внесе и диктаторот во ЕУ (божем Бугарија е колевка на демократијата со векови), мислам дека во аголот на усните и приметив цинична насмевка, но и воздржување да не прсне во смеа. А, што да се каже за денешното доделување на некоја измислена награда за човекови права од страна на “Фридрих Еберт”. Какви патетики, какви хвалоспеви за нашиот мудар лидер. Најголема европска надеж, реформатор, последниот европеец… нашион Зоран ејј. Уште се смеам. На крај лижавче в уста, наместо прст. Или утешна награда за војникот Зоран. Ти чекај “боља”.

И зошто сега погореспомнатите елити лијат крокодилски солзи, па пишуваат срцепарачки писма до “великите” бугарски политичари. Бугарија не е таа што може да чука на масата во ЕУ или во НАТО. Исто и Грција. Каде е сега Меркел да дојде во посета, а Макрон да сними една видео порака. Па да го охрабрат нашиов коцкар да потпише сè што треба, а исто малку да ги вразумат Бугарите. Зошто ги нема? Оти знаат дека ја завршиле работата со преспанскиот договор. Куќата ни ја зедоа, проблем е што коцкарот сака пак да седне на масата и се наметнува. Искусните знаат дека оној што изгубил “ол ин” ќе мора да тропне по лихва. Море ќе моли на колена, само за да седи на коцкарската маса. И го тапкаат по рамо, а овој расте како квасец. Или преснец.

Затоа го прашувам војникот Зоран, додека не загинал на фронтот, кој му беше крив кога го потпиша преспанскиот?! Со него буквално се откажа од идентитетот на македонскиот народ. Баталете ги објаснувањата дека тоа не било менување на идентитет. Вам една буква да ви е сменета во пасошот на пример, нема да ве пуштат на граница. Или нема да можете да подигнете пари во банка. Исто ли е Џон Траволта и Џонтра Волта?! Ако не е сменет идентитетот на Македонците, тогаш зошто на сите културни установи им го тргнавте предзнакот македонски? И уште како апарат за принуда, преку ноќ ги променивте таблите на сите институции. Не чекавте ни да се раздени. Многу држави, тоа им го диктираат и граматичките правила во нивните јазици, веќе не ословуваат како Северномакедонци. Каков блам. Исто така со преспанскиот (не може ни да се нарече договор, но за тоа во друга прилика), се откажавте од македонскиот јазик. Некој ќе каже не?! Но, само да ве потсетам дека во договорот стои, дека во Егејска Македонија постојат “Грци” кои зборуваат македонски јазик и тој се разликува од овој македонски кој го зборуваме ние. Значи два различни “македонски” јазици. Парадоксално. Можеби овој другиов уште тогаш испланирале да биде бугарски м? И на крај, спремањето за оваа ујдурма заврши со уставните измени, кога мнозинството на Заев ги отстрани и одлуките на АСНОМ, а го вметна Охридскиот рамковен договор, како конститутивен елемент на македонската држава во Уставот на Република Македонија. Со ова се проблематизира и создавањето на модерна македонска држава во склоп на Југославија и во суштина, правно гледано, Македонија како држава е конституирана после војната во 2001. Не постојат ни одлуки на АСНОМ ’44 за конституирање на модерна македонска држава. Затоа почитувана “елито” правата адреса за вашите писма е војникот Зоран.

Исто така, адреса за вашите писма треба да е и претседателот на државата. Нели самиот изјави дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин.

Нели оваа изјава е ветар во едрата на бугарските национал – шовинистички барања? Па што очекувате господа елитисти од бугарските политичари, кога нашиот драг претседател ова јавно го изјавува на национална телевизија. Дури и војникон е поголем политичар и дипломат од претседателов.

За мене и верувам за повеќето Македонци јасна беше играта уште од самиот почеток. Цената е платена, само што ништо за возврат не добивме. Не само што не добивме, туку ваквите политики на оваа власт го погребаа европскиот пат на Македонија за век и веков. Овој гордиев јазол не знам кој ќе го пресече. А, за тоа постојат одговорни со име и презиме и нивната адреса е во Република Македонија!!!

П.С. Спасувањето на војникот Зоран значи само поголема агонија за државата Македонија. Од секој аспект.

*Терминот војник е користен во преносна смисла, за некој што во хиерархија прима и извршува наредби.

Автор: Стефчо Негриески

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •