декември 4, 2020

Инспекција во штипската болница: Кои лекари и сестри дежурале ноќта кога никој не ѝ се јавувал на пациентка оставена без кислород која почина?!

Михаела Довичинска, ќерка на 41-годишна пациентка која починала на штипското инфективно одделение со билатерална бронхопневмонија и Ковид 19, обвинува за скандалозно игнорантски однос на медицинскиот персонал на ова одделение.

Ќерката тврди, дека од податоците на мобилниот телефон на мајка и, евидентно е дека таа со часови не успеала да добие ниту едно медицинско лице да и донесе боца кислород во собата, во последните моменти од животот, кога таа боца кислород била клучна за нејзиното преживување!

Објавата на ожалостеното семејство, всушност е индиција за можна неодговорност на медицинскиот персонал во штипската болница. Итно е неопходна промена во системот, отворање на поголем број на линии за информации на семејствата и за помош на пациентите. И семејствата и пациентите кога ѕвонат на двата телефонски броеви или да прашаат за здравствената состојба на нивниот близок, или како пациенти да побараат некој да дојде кај нив во соба, да им донесе нешто или да им помогне, со многу напор и маки успеваат да добијат некој од другата страна на линијата!

Михаило Донев, чијшто татко беше сместен на штипската инфективна клиника пред да почине, вели дека татко му му велел на телефон, дека кај него во соба лекар влегувал еднаш на три до четири часа!

– И сам си седи пациентот, па што му даде Господ. Неколку пати ми се јавуваше татко ми, сам си ја тргаше маската, да ми каже дека никој нема!, ни рече Донев.

Како што дознава„Слободен печат“, директорот на штипската болница доктор Ален Георгијев, утринава дал устен налог, да му се даде извештај за тоа што се случувало ноќта кога никој не и одговарал на пациентката.

И директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирина Сотирова Бухова исто така ни потврди дека во тек е вонреден инспекциски надзор за конкретниот случај.

– Им дадов насока на вработените да го испитаат случајот. Има два телефонски броја, докторски и сестрински. На докторскиот број одговара доктор, а на сестринскиот број одговара медицинска сестра. Јас ќе испитам и ќе видам што ќе ми кажат. Знаете ли колку пациенти имаме? Над 60. Персоналот најголем дел од времето е во скафандери растрчан од соба во соба, а семејствата вртат постојано. Кога на некој пациент ќе му биде потребна медицинска сестра, тој врти на телефонот и потоа сестрата се облекува во скафандер и оди во собата, за да му помогне ако има болки или некоја потреба, ни изјави доктор Георгијев.

Утринава на двата телефонски броеви во Штип, и по неколку обиди не ни се јави никој. Телефоните ѕвонат до преѕвонување, а потоа се вклучува автоматска електронска секретарка.

Целиот текст на

slobodenpecat.mk

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •