декември 5, 2020

Заев: Освен Пошта, ќе продаваме земјоделско земјиште, Попова Шапка, Ливадиште, ТЕЦ Неготино…

Има интерес за продавање на дел од државните компании и тие во кои државата е доминантен сопственик, изјави вчера вечерта премиерот Зоран Заев кој заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими, професори и експерти дебатираа за предлог-буџетот за 2021 година на МРТВ.

Заев веќе објави дека државата планира на таков начин договдина да финансира дел од буџетските потреби, а во игра за продажба се „Железници и транспорт“, „Македонски пошти“, „Еврокомпозит“. Сепак ќе се нудат на продажба и Попова Шапка, Ливадиште, ТЕЦ Неготино и слични ресурси.

„Очекуваме да се зголемат перформансите на нивното работење со влез на приватен капитал, тоа може да биде до 100 отсто откупување, може да биде јавно-приватно партнерство, државата да задржи еден дел, а под концесија да се даде друг дел и слично. Станува збор за неефикасни ресурси во рацете државата и тие треба се стават во функција на нови приливи во Буџетот. За „Македонски пошти“ веќе има заинтересираност од Австрија, Словенија, Романија и Чешка“, изјави Заев.

Тој додаде дека има голем потенцијал и во можностите од продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост кое се проценува со вредност од повеќе од 2 милијарди евра, а од продажба на дел од него се очекуваат 200 до 300 милиони евра во 2021, 2022 и 2023 –та. Заев вели дека очекува прилив од 20 до 40 милиони евра од регистрирање на автомобилите со странски таблички.

Поранешниот министер за финансии и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески смета дека државата не треба да продава земјоделско земјиште.

„На пример продажбата на државен имот, некои претпријатија кои се спомнаа прашање е сега која е нивната вредност прво, ако се работи за загубари, која е вредноста на нашите железници кои се слепо црево во Европа. Знаеме како функционираат и колкав ќе биде интересот, поштата која ја девастираме со години, се пропушти можноста една генерација односно пред 12-13 години да се продаде на заинтерсираниот инвеститор на канадските пошти и таа има многу мала вредност“, истакна Славески.

Премиерот наведе дека на продажба ќе се понудат и други капацитети, како Попова Шапка, Ливадиште и сл., со тоа што за зимскиот центар на Шар Планина се размислува да се настапи заедно со Брезовица, за што имало заинтересираност од страна на Косово.

На дебатата учествуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, академик Абдулменаф Беџети, универзитетските професори Трајко Славески и Марјан Петрески, како и Никица Мојсоска-Блажески, извршен директор на „Македонија 2025“.

Премиерот ги спомена и компаниите „Еурокомпозит“, ТК „Прилеп“,ТЕЦ „Неготино“…, но не ја исклучи можноста од јавно-приватно партнерство, концесија и слично.

Друг извор на приходи се очекува да биде и внесување на кеш парите кои што се надвор од системот, по примерот на други земји кои го воведувале европското законодавство за потекло на имот и пари.

„Се дава ваква отворена можност сѐ што не е кривично гонето или под истрага, со плаќање на данок да може да се внесе“, рече Заев.

Зборувајќи за енергетиката како шанса за економски развој Заев рече дека нашата земја е „убава“ раскрсница на американски, европски и кинески интереси и верува дека ќе се искористи таа можност и потенцијал за развој. Кога се зборува за енергетиката се мисли и на аспектот на штедење, за што во буџетот има сериозни компоненти.

„Ресурси имаме. Според ММФ, 37 отсто е даночната евазија. Овие 37 отсто од 4 милијарди буџет се 1,4 милијарди евра кои ни се губат. Штетата не е само што се губат парите. Штета е на сите оние кои што работат легално им прави дополнително проблем и ги турка кон неформалниот или кон нелегалниот сектор. Тука се кријат сериозни пари“, рече Заев.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •