ноември 27, 2020

Гебрејесус: Вакцината сама по себе нема да биде доволна за да се победи коронавирусот

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адан Гебрејесус, предупреди дека вакцината сама по себе нема да биде доволна за да се победи пандемијата на коронавирусот.

„ Вакцината ќе ги надополни другите алатки што ги имаме и нема да ги замени“, рече тој на состанокот на извршниот совет на СЗО.

Што се однесува до вакцината, Тедрос како и неколку негови заменици, се обиде да го намали оптимизмот во последните неколку дена откако „Фајзер“ и „БионТех“ објавија дека нивната вакцина, која е во третата фаза на тестирање, е ефикасна 90 проценти.

„ Првично, количините ќе бидат ограничени и затоа медицинскиот персонал, старите лица и ризичните лица ќе имаат приоритет и се надеваме дека ова ќе го намали бројот на смртни случаи и ќе овозможи преживување на здравствените системи“, рече Гебрејезус, предупредувајќи дека „сè уште ќе има многу простор за акција на вирусот”.

Затоа, тој повика да не се укинуваат предвреме мерките за контрола на ширењето на коронавирусот, како што се тестирање, карантин и следење на контактите.

Новиот бран на пандемијата ги принуди земјите да преземат дополнителни ограничувања за да го спречат ширењето на вирусот.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •