ноември 26, 2020

Бесплатните ваучери за туризам се препродаваат на интернет

Дел од граѓаните ги продаваат по 6000 денари ваучерите за туризам. На социјалните мрежи постојано се пласираат објави за продажба на ваучерите кои Владата заедно со министерството за економија ги доделува на лица со ниски примања, да одат за одмор во некои од туристичките дестинации во земјава. На социјалните мрежи се нудат и ваучери за цени од  3000 и 4000 денари, а има и такви кои продаваат и по два ваучери. ТВ21 се јави на неколку телефонски броеви. Еден од оние кои ги продава ваучерите вели дека документацијата ќе биде легална затоа што сите лични потребни документи ќе ги испринта и испрати.

„Ќе ти дадеме ние се комплет. Податокот што е, фотокопија ќе направиме. И личната карта моја и на сопругата, ќе ги доставиш таму каде што ќе одиш и ќе ти дадат карта. Колку ќе ме чини тоа? Ви кажав двата ќе ви ги дадам за 100 евра. А тие таму даваат 200 евра, дупло. Ти ќе се договириш дали сакаш во Охрид, Струга, бања, било каде, било која. Се јавувате во хотел колку што е дневно ќе си прерачунате, тоа како да си букирате, платено ви е“.  

Од друга страна од Министерството за економија велат дека се задоволни од искористувањето на туристичките ваучери. Велат дека секојднево им доставуваат документи од искористените ваучери па потоа Државниот пазарен инспекторат ги прави контролите на терен.

„Министерството за економија е задоволно со искористувањето на туристичките ваучери. До моментов употребени се 43 илјади туристички ваучери за домашен туризам. Што се однесува за можната злопупотреба на ваучерите или купоните за туризам, Министерството за економија на дневна основа, целата листа на ваучери кои што се искористени, истиот ден ја испраќа до Државниот пазарен Инспекторат  и тие ги прават контролите на терен“, велат од министерството.

Инаку со уредбата со законска сила е предвидено дека тие луѓе кои што ги добиле ваучерите треба да достават и потребна документација во истиот момент кога и ги користат ваучерите треба да бидат физички присутни.

Вкупната бројка на доделени ваучери за туризам е 115 илјади, во висина од 16 милиони евра. Требаше да се искористат од 15 јули до 15 декември 2020-та година. Со оглед на тоа дека се употребени 43 илјади досега, остануваат уште 72 илјади ваучери за туризам. Овие ваучери треба да се искористат најдоцна до 15-ти декември.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •