декември 3, 2020

ТВ 24: ПОВЕЌЕ ОД 5 ОБВИНИТЕЛСТВА ПОД ФИНАНСИСКА БЛОКАДА (ВИДЕО)

Блокирани сметки на повеќе од пет обвинителства во државата. Според информации на ТВ24 станува збор за Основните обвинителства во Битола, Тетово, Струга и Охрид и вишото битолско обвинителство.

Меѓу нив е и обвинителството кое гони организиран криминал и корупција, со блокирана сметка за 1 милион денари. Извршителите тропнале на нивна врата. Обвинители кои работат во тие обвинителства тужеле  и добиле на суд поради неисплатени додатоци на платата, кои законски им следуваат.

Станува збор за сума од околу 160 илјади евра кои се потребни за да се деблокираат сметките, велат извори на ТВ24 од обвинителството. Дали овие блокирани сметки ќе го блокираат и гонењето на криминалот во државата ? Обвинителот Љубомир Јовески за ТВ24 вели до сега не влијаело на работата на обвинителитте.

„Нема да се закочи работењето, ќе се исплаќа по ставки од Буџетот на ЈОРМ, ако на пример станува збор за вештачење наменски ќе им дозначиме пари. Не смее и не може да биде во застој, не смее да се доведе во прашање издавањето на наредби, обвинителите морат да гонат.“  вели Љубомир Јовески-ЈО на РСМ.

Дополнително, освен извршителите  се редат и други институции и фирми кои чекаат наплата. Според базата Отворени финансии, во неколку наврати овој месец ЕВН известува дека чека наплата на околу 348 илјади денари од сметката на ЈО. Доколку сметките на обвинителствата останат блокирани и натаму, ќе почнат да се трупаат сметки за парно, струја, вода, мобилни телефони, но и други услуги кои им се потребни во тековното работење, што може да ја отежни и забави основната функција на обвинителите. 

ТВ24 побара одговор од министерот за правда кој од почеток на својот мандат праќа апели да се гони криминалот во државата и да не се застаруваат случаите. Нема конкретен одговор од Бојан Маричиќ дали и како ќе го реши овој проблем и дали ќе лобира во Владата од која што е дел, да се пренаменат буџетски средства во висина од 160 илјади евра.

Проблемот со блокираната сметка јавно го посочи обвинителката Вилма Русковска, а обвинителството со кое раководи е блокирано за милион денари. 

Проблемите со финансиите и ресусрсите на обвинителството се провлекуваат со години, во сите извештаи на меѓународните институции. Друг проблем е и кадровскиот капацитет.  Владата на Зоран Заев во континуитет најавува повеќе пари во судството и обвинителството и проекциите се пресликани и во новиот закон за ЈО кој е во сила речиси пет месеци. И покрај најавите фактичката ситуација потврдува дека  освен декларативна политичка волја се потребни и конкретни чекори за да се овозможи финансиска независност на обвинителството.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •