декември 4, 2020

Пандев за италијанските медиуми: Пласманот на ЕП ми е на исто ниво како освојувањето на ЛШ со Интер

Откако на Македонија и донесе историски успех, пласман на Европско првенство, Горан Пандев се врати во Џенова да се одмори и да продолжи со клупските обврски.

Горан Пандев веднаш по враќањето во Џенова мораше да одговара и на прашања на италијанските новинари кои сакаа да добијат изјави од него по големиот успех со Македонија.

„Херој? Не, сите ние сме херои бидејќи сите сме заслужни. Ова е прекрасна емоција, остварување на сонот по 20 години играње за националниот тим. Го направив ова и среќен сум што ќе ставам ваков крај на кариерата. Се уште не можеме да поверуваме, но на Европското првенство сме“, вели Пандев за италијанските медиуми.

Пандев во договор со селекторот одлучи да не ги игра мечевите со Естонија и Ерменија, подобро е да се одмори пред обврските со Џенова.

„Зборував со селекторот Ангеловски и му реков дека ми е потребен одмор поради годините, подобро беше да ги прескокнам следните два меча и да им дадам шанса на момците кои играле помалку. Го добивме најважниот меч“.

По победата, селекторот на Македонија на шега рече дека Пандев не смее да се пензионира бидејќи мора да му помогне на тимот да се пласира и на Светското првенство.

„Светското првенство? Не знам, ќе видиме. Сега мојот фокус треба да биде само Џенова. Има уште многу време до Европското првенство, сега најважно е тука работите да се одвиваат добро“.

„Добив многу пораки и им благодарам на сите, не можев да им одговорам на сите. Им благодарам на фановите на Џенова кои исто така ми честитаа, тие влегоа во моето срце, среќен сум и се надевам дека ќе можат наскоро да се вратат на стадионот па можам на вистински начин да им се заблагодарам“.

Пласманот на Европското првенство Пандев го изедначи со освојувањето на Лигата на шампионите со Интер.

„Ова е една од моите најголеми емоци бидејќи го направив со моите луѓе. Со Интер, Наполи и Лацио освоив многу, и многу сум среќен поради сите титули, важно е за играч да освојува цели, но оваа победа не ја очекував, не очекував дека ќе имам ваков крај на кариерата. Не сум среќен само за мене туку за целиот национален тим. Доколку треба овој успех да го ставам на подиум, ќе го ставам заедно со трофејот од Лигата на шампионите со Интер кој секогаш ќе биде во моето срце“.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •