ноември 25, 2020

Македонија едноставно не може да прекине да победува

Македонија – Естонија 2:1 (1:0)

По половина час испитување на силите и бавен ритам, Македонија поведе во дуелот со Естонија во Скопје. Новиот капитен Иван Тричковски го постигна својот шести гол во дресот со државниот грб и донесе предност во претпоследниот натпревар од групата.

Со акробација преку себе, по додавањето од Спировски, фудбалерот на АЕК Ларнака погоди ефектна дијагонала и го отвори резултатот.

Со победа над Естонија, нашиот национален тим ќе избие на врвот во групата, во очекување на натпреварот Грузија – Ерменија. 

Фудбалската репрезентација на Естонија на стартот на второто полувреме успеа да изедначи против Македонија (1-1), со ефектен гол на најдобриот играч Рауно Сапинен.

Најистурениот напаѓач на Естонците по една загубена топка на Велковски се најде откосо и пласирано биеше во горниот дел од аголот на голот на Шишковски. Македонскиот голман направи лоша проценка при падот на топката, па потоа немаше шанси да интервенира и сега резултатот е изедначен.

За Сапинен ова е трет гол против Македонија, по оние два во Талин во првиот меѓусебен натпревар (3-3), со што тој ја продолжи добрата серија против нашиот национален тим.

По целосна иницијатива од дваесетина минути и 3-4 изразити шанси пред 18-годишниот естонски голман Хајн, Македонија ја врати предноста против својот попладневен противник. Во 68. минута Влатко Стојановски ја искористи својата втора шанса откако влезе во игра. 

Имено, фудбалерот од Шамбли го искористи центаршутот на Елмас и со глава ја втурна топката во небранетата мрежа (2-1).

Овој погодок за Влатко Стојановски е втор во репрезентативниот дрес, по оној против Австрија во Виена. Заради претерана радост и соблекување на дресот „пожолте“ од судијата Аврам од Романија. 

До крајот на натпреварот Естонците воопшто не се заканија по голот на македонската репрезентација, а Македонија преку Стојановски и Дориев, пропушти уште две стопроцентни прилики да ја наполни мрежата на инаку одличниот естонски голман.

Македонија – Естонија 2:1

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •