ноември 26, 2020

Заев: Со Бугарија се договориме за 5 историски личности и 3 историски периоди, и за Гоце Делчев сме блиску

Зоран Заев Бојко Борисов

Имаме решено пет историски личности и три историски периоди, тоа го потврди и бугарската страна. Подготвени сме да ги објавиме и подготвени сме да почне имплементацијата во учебниците на двете страни. Треба да продолжиме понатаму. Јас сум убеден дека со позитивни одлуки градиме пријателство, со негативни градиме горчина, изјави премиерот Зоран Заев при денешната посета на струмичката болница.

Тој, коментирајќи ја изјавата на шефицата за бугарската дипломатија Екатерина Захариева, истакна дека не треба двата народи никој да ги одалечува, туку треба да ги зближува. Тоа е историски повик кон политичарите, смета Заев.

-Двата народи се со заедничка историја, заедничко минато. Од таа заедничка историја, минато се развиле денешните, македонскиот и бугарскиот народ. Како тоа да биде заедничко, а да биде бугарско или да биде заедничко, а да биде македонско. Заедничко е заедничко. Одговорноста останува на политичарите со сите одлуки кои ги носат. Ако се позитивни ќе останат испишани со златни букви, ако се негативни ќе испише горчина. Ние сме братски народ и треба да се поддржуваме во иднина. Нашиот македонски народ никогаш не би ставил вето и блокада на бугарскиот народ. Бугарскиот народ не сака блокада или вето на македонскиот народ. И за Гоце Делчев сме блиску во духот на заедништвото и верувам во сето она што во иднина ќе биде предизвик пред комисијата, истакна меѓу другото Заев.

Тој изрази надеж дека, како што рече, пријателска Бугарија ќе остане на линијата на пријателството.

-Ако не се со нешто задоволни од исполнувањето на договорот имале можност да стават 130 пати низ 34 поглавја вето или блокада, посочи Заев.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •