декември 3, 2020

ФАНТАЗМАГОРИЈА

Кога работите стануваат повеќе од фантазмагорични, а некои суштества (понекогаш ги нарекувам Овие) и понатаму се обидуваат да нѐ втурнат во ЕУ, не ми преостанува ништо друго освен повторно да се присетам на моето мислење, дадено за весникот „Нова Македонија“ од 30.06.1992 година, а потоа објавено во мојата книга „Сведоштва и коментари“, во издание на „Култура“, 1999 година, стр. 177. Тоа мислење е:

„Во ставот дека Република Македонија може за интерна употреба да се нарекува како сака, но дека за светот ќе мора да го смени своето име се крие ужасна ароганција и хипокризија. Тоа е како некому да му речете дека може себе си да се нарекува како што сака, па дури себе си да се смета за импереатор, но дека во стварноста тој ќе биде третиран како роб, поданик или послушник. Таквиот однос е неодговорен. Европската заедница ќе нè признае онака како што сме според Уставот – Република Македонија – или во спротивно подобро е воопшто да не нè признаваат.“

На оваа изјава, сеедно што ја дадов пред триесетина години, нема што да додам, ниту што да одземам. Овие можат да продолжат и понатаму да „преговараат“ за влез во ЕУ – тогашна ЕЗ. Јас, пак, не гледам никаква причина и понатаму да пишувам на оваа тема, бидејќи одамна кажав што имав да кажам за неа. Другото би било непотребно себеповторување, макар што во меѓувреме работите сосема ескалираа од оние во 1992 година. Веќе не е во прашање само името, уште помалку тоа да биде само за внатрешна употреба. Во прашање е опстанокот на Државата.

Фејсбук статус на Љубомир Цуцулоски

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •