декември 2, 2020

Русковска сподели инсајдерски информации од истрага: Ќе се отфрли пријавата од Милошоски против Заев

Обвинителството за гонење на организиран криминал ќе ги отфрли пријавите и снимките на пратеникот Антонијо Милошоски за наводната вмешаност на премиерот Зоран Заев во случајот “Рекет”.

Ова го изјави шефицата на обвинителството Вилма Русковска, која не сакаше да го користи зборот “сечено лепено монтирано”, но според тоа што го кажа, анализите од вештачењето на МВР покажале дека станува збор за повеќе парчиња од различни разговори..

„Се беше предадено на вештачење, во едниот случај диктафон, а во вториот случај беше телефон. Тие беа дадени на компјутерска форензика во рамките на Министерството за внатрешни работи и по екстрахирањето на податоците се вршеа анализи на истите. Од тоа што успеав да го прочитам од тие анализи е дека се работи за повеќе разговори, кои се прекинати, па додадени делови од други разговори. Ние сè уште немаме јавно соопштено одлука, но ќе се донесе резолуција за отфрлање на тие пријави“, изјави Русковска за 360 степени.

Според Милошоски Заев е миленик на Русковска , штом таа ја отфрла секоја сериозна индиција за неговата вмешаност во Рекет.

-Не мора повеќе, доволно и било само да го вештачи мобилниот телефон на Заев и неговите контакти со осудените извршители во случајот Рекет и така ќе се стигне и до нарачателите. – вели Милошоски за Канал 5.

За изјавата на Русковска коментар даде лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој кажа дека очекувал Русковска веднаш по ова интервју да си поднесе неотповиклива оставка и да одговара бидејќи соопштила дека пријавата е отфрлена пред да биде донесена.

„Но, јас колку што се сеќавам такви сечени, лепени материјали беа други исто така материјали по коишто се постапува сега и дел од тие луѓе се осудени и се наоѓаат на отслужување на затворска казна. Така што на вагата имаме две работи коишто се немерливи. Едната кога се однесува за Зоран Заев сè што е сечено, лепено, не важи. А, за други случаи каде што имаме исто така докажани сечени, лепени материјали, важи. Е, тоа така не може да биде“, рече Мицкоски.

Русковска изјави и дека нема поврзаност меѓу предметот за плацевите на Водно и случајот „Империја“, за кој како што рече има огромен доказен материјал кој е даден на финансиско вештачење.

Извор: Канал 5 Тв

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •