декември 2, 2020

Кредитната агенција „Фич“ го потврди рејтингот на Република Македонија „ББ+“ со негативен изглед

Кредитната агенција „Фич“ го потврди рејтингот на земјава на „ББ+“ со негативен изглед.

Кредитната агенција проектира пад на македонската економија во 2020 година за 5% и опоравување на економијата во 2021 и 2022 година со раст од 3,9% и 4,5% респективно. Очекувањата се дека во следниот период ќе се зголемат инвестициите и ќе зајакне приватната потрошувачка.

Од „Фич“ наведуваат дека текот на опоравувањето ќе биде зависен од текот на здравствената криза, односно дали во земјата ќе има нови мерки кои ќе влијаат на затворање на капацитетите, но и каква ќе биде надворешната побарувачка со оглед на економскиот модел на македонската економија базиран на извозот од странските директни инвестиции во земјава.

Очекувањата на кредитната агенција за буџетскиот дефицит за 2020 година се дека ќе изнесува 8,3% од бруто-домашниот производ, што е малку пониска од владината проекција која изнесува 8,5% од БДП.

Кредитната агеција проектира дека буџетскиот дефицит ќе се намали догодина на 4,7% и дека ќе продолжи да се намалува на среден рок. Државниот долг се очекува до крајот на годината да достигне 50,9%, додека негова стабилизација се очекува во 2021 и 2022 година на 53% од БДП.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •