ноември 25, 2020

Вето со политички речник: На 17 ноември нема да се донесе одлука за почеток на преговори со Македонија

На 17 ноември очигледно нема да се донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија. Јас не би го нарекол ова вето, туку одложување, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, пренесува БГНЕС.

„Одложување на процесот, но сето тоа зависи од Скопје. Ако одлучат да го променат своето мислење, да престанат да ја фалсификуваат историјата и да користат говор на омраза, тогаш ќе има друго решение. Меѓутоа, малку е веројатно дека тоа ќе се случи во следните денови“,

вели Ковачев.

Европратеникот, наведува БГНЕС, не сака да каже краен рок кога би можело да се најде решение, но не исклучува Македонија да ги почне преговорите во едно од следните две претседателства на ЕУ односно во текот на 2021 година.

Тој истакнува дека бугарската позиција е иста во текот на години, а од потпишувањето на Договорот за добрососедство, Македонија имала три години да ја промени својата политика.

„Во Договорот е запишано дека имаме заедничка, а не споделена или паралелна историја, нешто на што инсистираат Македонците. Тие нема од што да се плашат и да бегаат од вистината. Признавањето на историската вистина нема да го промени нивниот современ идентитет“,

изјавил Ковачев за телевизијата „БГ Он еар“, а пренесува БГНЕС.

Тој порачал дека прифаќањето на лаги и манипулации не е европска вредност.

„Тие не може да ни кажат на нас дека има две вистини. Овде не станува збор за античка историја за која може да има различни толкувања, туку за нова историја за која има доволно извори и документи“,

вели европратеникот.

Тој посочува и дека Бугарија многу ѝ помогнала на Македонија да стане членка на НАТО, како и дека без нивна помош немало да се случи и Преспанскиот договор нешто, што вели Ковачев, го признава и премиерот Зоран Заев.

„Ние сакаме да им помогнеме на нашите најблиски луѓе во Република Македонија, да станат членки на ЕУ. Ние ќе ѝ помогнеме на Македонија без разлика кој е таму на власт. Важно е да тој да ги преземе важните чекори. Не ја прифаќаме политиката на претходниот премиер Никола Груевски кој започна процес на антиквизација и изгради многу споменици на бугарските херои, но ги претстави како борци против Бугарија. Не можеме тоа да го прифатиме. Заев направи вистински чекори, кои Груевски не можеше да ги направи, и ги потпиша договорите со Бугарија и Грција, а сега се чини дека му недостига малку храброст да го исполни Договорот со Бугарија“,

вели Ковачев.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •