декември 2, 2020

Хрватска му пресуди: Иво Санадер доби осум години затвор за аферата „Фими Медиа”

Поранешниот хрватски премиер и претседател на ХДЗ, Иво Санадер, денеска е прогласен за виновен и осуден на осум години затвор за извлекување пари од маркетинг агенцијата „Фими Медиа”. Во овој случај, неговата партија ХДЗ беше прогласена за одговорна за корупција.

Во пресудата, меѓудругото, се наведува дека Санадер, во својство на поранешен премиер и претседател на ХДЗ, со неговите соработници Младен Баришиќ и Бранка Павошевиќ, организирал група луѓе да извршат злосторства.

Наведено е дека во периодот од 2005 година до 2009 година, Санадер, за да добие материјална корист, и наредил на Бранка Павошевиќ во деловните книги да не ги бележи парите што му се предадени на Баришиќ.

Се додава дека дел од тие пари Санадер задржал за себе, а осум милиони куни биле искористени за финансирање на ХДЗ.

  • Од 24 милиони куни, осум завршиле кај ХДЗ, дел му биле дадени на Санадер за патување во САД и за одела, прочита судијата.

Осумгодишната затворска казна на Санадер го вклучува и времето минато во истражниот затвор. Инаку, ниту Санадер ниту другите обвинети не присуствуваа на судењето.

Владејачката Хрватска демократска унија (ХДЗ) е казнета со 3,5 милиони куни (околу 460.000 евра) од Жупанискиот суд во Загреб, а ќе и бидат одземени вкупно 14,5 милиони куни (1,9 милиони евра) за случајот со маркетинг агенцијата „Фими Медиа”.

Дел од парите на ХДЗ се веќе блокирани и станува збор за два милиона куни (265.000 евра) и уште 300.000 евра што ќе бидат префрлени во државниот буџет по правосилноста на пресудата.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •