ноември 27, 2020

Унија на медицински сестри: Ризик е да се ангажираат средношколци во ковид центрите

Унијата на ЗМСТАС предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас” преку соопштение реагира на последната изјава и предлог-идеја на министерот за здравство Венко Филипче за можно ангажирање на учениците од четврта година од средномедицинските училишта во ковид центрите како помош на медицинскиот кадар.

  • Ваквата идеја не е безбедна за учениците. Во еден ваков период кога се носат мерки за зачувување на здравјето на учениците и се препорачува он-лајн настава со цел да се намали трансмисијата во училишните клупи не е соодветна идејата малолетни ученици и недоусовршен кадар од средномедицинските училишта да биде впуштен директно во најголемите жаришта на оваа пандемија. Ние, професионалците од сестринската професија сметаме дека ризикот е многу голем, стои во реакцијата на Унијата.

Во една за нас исклучително тешка ситуација со две медицински сестри на 30 пациенти, ангажман на учениците како помош дополнително, нагласуваат од Унијата, би ги отежнало работите, пред се ризикот и нивната безбедност, и нашата одговорност за нив кои треба да учат – практицираат, а ние треба да ги менторираме.

  • Учениците ако се заразат можеби ќе поминат асиптоматски, но што е со нивните најблиски? Ако е ова решение недовршени кадри да не надополнуваат ги имаме четирите високо образовни институции за идните дипломирани медицински сестри кои барем се полнолетни, додаваат од извршниот одбор на Унијата.

На помош на здравствените работници министерот за здравство Венко Филипче вчера истакна дека очекува наскоро да им се приклучат учениците од четврта година од медицинското училиште, од насоката медицински сестри.

  • Во текот на вчерашниот ден имав средба со директорката на Средното медицинско училиште за да видиме дали може дел од стажот на медицинските сестри од последната, четвртата година, да се помине во ковид центрите. Има некои административни работи кои денеска и во текот на вчерашниот ден ги разгледуваме и мислам дека во следните денови ќе знаеме дали можеме да сметаме на оваа бројка медицински сестри кои веќе имаат искуство со практичен дел од претходните години, изјави Филипче.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •