декември 4, 2020

Собранието ќе расправа за задолжителното пензионирање на 64 години

Измените и дополнувањата на законот за работни односи кои треба да овозможат задолжително пензионирање на 64 години и 15 години стаж се во собраниска процедура и за нив денеска треба да расправа Комисијата за труд и социјална политика, откако вчера оваа седница не се одржа.

Според анализите што ги направило Министерството за труд и социјална политика, до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6 000 лица.

Но, како што појасни министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, тоа не значи дека согласно предложените законски измени сите тие ќе одат во пензија, бидејќи дел од нив веќе имаат побарано барање за продолжување на работниот однос.

-Според нашите анализи бројката на вработени како од јавен, така и од реален сектор збирно до крајот на 2020 година околу 6.000 вработени ќе наполнат 64 години. Но, тоа не значи дека сите овие граѓани ќе одат во пензија. Дел од нив поднеле барање согласно актуелното законско решение до крајот на 31 август за продолжување на работниот век и после продолжување на наполнување 64 години, а кој се однесува на следната календарска 2021 година, рече министерката.

Предлогот за задолжително пензионирање пред два дена беше поднесен од пратениците на СДСМ, а во него се предвидуваат и исклучоци.

Исклучоците ќе важат за секторите каде што има дефицит на кадар, односно здравството и високото образование. Кога координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески ги презентираше предлог-измените, посочи дека за да се овозможи и преоден рок нема да одат во пензија ниту оние што наполниле 64 години, а до 31 август 2020 поднеле барање за продолжување на договорите за вработување.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •