декември 2, 2020

Скопје го празнува Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор

Скопје го празнува Денот на ослободувањето на градот. На денешен ден во 1944 година партизаните го ослободија градот од фашистичките окупатори. По победата Скопје како главен град на Македонија, една од сојузничките антифашистички држави – победници во Втората светска војна, доживеа развој како административен, индустриски и културен центар.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во Втората светска војна Скопје беше окупирано од фашистичка Бугарија, која беше сојузник со Хитлерова Германија. Петтата бугарска фашистичка армија на 22 април 1941 година влезе и го окупира Скопје. Под своја власт го држеше градот сè до 9 септември 1944 година, за кои години беа извршени бројни убиства и злосторства врз цивилното население, како и врз македонските патриоти, борци за слобода и партизани. На 13 ноември 1944 година партизаните од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободуваат Скопје од германската фашистичка окупација.

Се водеа неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та Гренадиска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер”, која беше распоредена пред Качаничката Клисура. Македонските борци, со победоносен марш влегоа во градот.

По ослободувањето, Скопје како главен град на Македонија брзо се развива и станува индустриски, културен и администраативен центар на тогашната социјалистичка република, една од шесте рамноправни републики на Југославија.

По повод 13 Ноември, денот на ослободувањето на Скопје, ќе бидат одржани повеќе манифестации во намален обем поради епидемијата со коронавирусот.

Ќе биде положено цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, потоа цвеќе на вечното почивалиште на генерал Михајло Апостолски во Алејата на великаните на гробиштата Бутел, како и цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.

Сподели
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •